ПРЕДЛОГ ЗАКОН ЗА ВИСОКА РАКОВОДНА СЛУЖБА – Јасни критериуми, мерит-систем и ограничени управни одбори
Законот се однесува на директори, заменик-директори, членови на управни одбори и државни секретари.

Предлог-законот за висока раководна служба е долгоочекувана реформска мерка која воведува јасни правила, професионализам и одговорност во јавниот сектор. Овој закон е на реформската агенда повеќе од седум години. За првпат се нуди јасно и применливо решение кое ги опфаќа раководните и извршните функции во околу 100 институции и воспоставува транспарентни критериуми и постапки за избор.
Законот е изработен од интерресорска работна група со учество на Министерството за јавна администрација, Генералниот секретаријат, Кабинетот на премиерот и Министерството за финансии.
Клучни новини во законот се мерит-систем со јасни критериуми и постапка за избор на раководни позиции, рационализација на управните одбори и бројот на членови ќе биде ограничен на максимум три, со што се остваруваат значителни заштеди и се елиминираат нефункционални и преобемни тела и строга регулација на В.Д. функциите, кои досега се користеле за заобиколување на системските решенија.
Овој закон се однесува исклучиво на директори, заменик-директори, членови на управни одбори и државни секретари, кои се двигатели на институционалната стабилност и континуитетот во работата на институциите.
Целта на законот е да се создаде професионална, департизирана и ефикасна јавна администрација, во која напредувањето ќе се темели исклучиво на знаење, искуство и резултати.


