ПРЕД УТРЕШНИОТ СИНДИКАЛНИ БЛОКАДИ – Жестока кавга меѓу ССМ и ВМРО-ДПМНЕ
Владата останува на ставот: решението треба да го најдат работниците и работодавачите.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) утре напладне ќе ги блокира Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис конфедерацијата на Македонија. Причината е одбивањето на овие организации да ја зголемат минималната плата на 600 евра и другите плати за по 100 евра, како што бара синдикатот.
Ова е втора фаза од блокадите на институциите, откако ССМ на 10 февруари го блокираше Собранието. За 17 февруари е најавена и блокада на Владата.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на прес-конференција изјави дека власта се обидува да го заплаши преку објавување снимки од неговото семејство. Тоа следува откако пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска, објави видео во кое се гледаат двете малолетни деца на Трендафилов. Во описот на видеото стои:
„Не го слушајте што зборува, туку гледајте го како се однесува… Трендафилов, службеното возило на ССМ и приватните обврски.“
На видеото се гледа како Трендафилов и неговите деца влегуваат во возило.
Трендафилов побара да ѝ се одземе имунитетот на пратеничката и најави кривичен прогон за лицата кои ги следеле неговите деца.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ реагираше со повик за оставка од претседателот на ССМ. Тие тврдат дека службеното возило на ССМ се користело за приватни цели и бараат Јавното обвинителство да отвори истрага:
„Додека лицемерно ги повикуваше пратениците да одат пешки, тој истиот ден се појави на протест со службено возило, а јавноста веќе виде како тоа исто возило се користи за семејни потреби како да е негова приватна сопственост. Јавно го повикуваме Јавното обвинителство веднаш да отвори постапка и да истражи како се користело службеното возило во ССМ од денот на неговото назначување до денес.“
Сојузот на синдикати продолжува со блокадите и покрај договорот од минатата недела меѓу Владата и синдикални претставници на УПОЗ. Според договорот, над 10.000 административци ќе потпишат индивидуални договори за процентуално зголемување на платите секоја година. Нивните плати до 2028 година треба да се покачат за речиси 40% од тековната сума.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека протестите се „политички мотивирани“ и истакна дека Владата останува на ставот да го поддржи секое решение за кое ќе се договорат работниците и работодавачите.
Во меѓувреме, ССМ поднесе иницијатива до Собранието за намалување на платите на функционерите, но досега не е донесена одлука.


