ПРЕЦИЗИРАНА ПОСТАПКАТА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ ВО СУДСКИ СОВЕТ „Истакнат правник“ добива јасни критериуми

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, изјави дека се задоволни со дел од предложените решенија изработени од работната група, но не со сите, без да наведе конкретни примери.

ПРЕЦИЗИРАНА ПОСТАПКАТА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ ВО СУДСКИ СОВЕТ „Истакнат правник“ добива јасни критериуми

По контроверзното разрешување на поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, што подоцна беше поништено од страна на Управниот суд, се воведуваат јасни процедури за слични случаи во иднина. Со новите законски измени, постапката за разрешување ќе може да започне само врз основа на образложено барање од најмалку четворица членови на Советот со право на глас, а седниците по тоа прашање ќе бидат целосно јавни, без можност за исклучување на јавноста.

За да се разреши претседателот на Судскиот совет, ќе бидат потребни најмалку осум гласа „за“, предвидуваат предложените измени на Законот.

Дополнително, се прецизира и дефиницијата на терминот „истакнат правник“, со што се одредуваат критериуми за избор на членови на Советот кои не доаѓаат од судската фела. Така, за истакнат правник ќе се смета лице кое има најмалку 15 години искуство во правната професија по положен правосуден испит, или универзитетски професор по право со најмалку седум години искуство во наставно-научно звање. Секој кандидат ќе мора да достави и најмалку три препораки.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, изјави дека се задоволни со дел од предложените решенија изработени од работната група, но не со сите, без да наведе конкретни примери.

„Со дел од тие решенија се сложувавме, со дел не се сложувавме. Дадовме свои предлози, епилогот од законот ќе го видиме подоцна. Мислам дека беше направен обид да се дефинира прашањето што постојано е актуелно во јавноста – што значи „истакнат правник“. Со овој закон се обидовме да дадеме некакви критериуми – изјави Камбовски.

Одредени претставници на граѓанскиот сектор кои учествуваа во работната група се изјаснија дека се задоволни од предложените решенија, оценувајќи дека тие ги вклучуваат повеќето препораки од оценската мисија на Европската комисија.

Министерството за правда веќе го објави предлог-законот на платформата ЕНЕР, каде јавноста ќе може да поднесува коментари и забелешки во рок од еден месец. Предлогот е испратен и на мислење до Венецијанската комисија.

CATEGORIES
Share This