ПРАВДА МОРА ДА ИМА: Родители протестираа во Кочани и бараа одговорност во редовите на полицијата
Семејствата најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не добијат одговори и правда за своите најблиски.

Денеска улиците на Кочани повторно беа исполнети со болка и гнев. Семејствата, роднините и пријателите на 62-та загинати и околу 200 повредени во пожарот што на 16 март ја зафати дискотеката „Пулс“, по четврти пат протестираа под мотото „Задоцнета реакција“.
Маршот започна по главните улици на градот, продолжи пред зградата на Општина Кочани, пред Секторот за внатрешни работи, и заврши пред Основниот суд. Присутните носеа фотографии од своите најблиски и испратија силни пораки до надлежните институции, барајќи одговорност за трагедијата.
На протестот, мајката на загинатиот моторист Павел Христов јавно се обрати до Министерството за внатрешни работи (МВР), обвинувајќи ги за сериозни пропусти во заштитата на јавната безбедност.
„Се прашуваме, ако вие не сте надлежни за нашата безбедност, тогаш кој е? Имате ли доблест да ја признаете вината за таа кобна ноќ, или тоа не ве учеле кога си ги купувавте дипломите?“, истакна таа.
Во своето обраќање таа праша зошто полицијата и другите надлежни институции не го контролирале организирањето на концертот на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“, за кој подоцна се дозна дека бил одржан без соодветна дозвола. Таа додаде дека капацитетот на објектот бил надминат трипати повеќе од дозволеното и дека објектот бил „дувло за многу нелегални активности“.
„Зошто дозволивте цената за вашата немарност да ја платат нашите деца со своите животи? Ставете се 5 минути во нашата кожа. Можеби други ве амнестирале, ама ние не“, рече Христова, апелирајќи за морална и кривична одговорност.
Во пожарот на 16 март, покрај 62-те загинати, околу 200 лица беа повредени, а четириесетина од нив сè уште се на лекување во странство.
Семејствата најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не добијат одговори и правда за своите најблиски.


