Прашање на време беше и забраната на јазикот во ООН
Ова што сега се случува со јазикот во ОН е само резултат од непромисленоста при потпишувањето на Преспанскиот договор.

Колумна, Национал
проф. д-р Игор Јанев
Среда, 28 мај 2025 година
Забраната во ООН (таканаречена – „BAN“) за зборот „Македонија“ и сите изведени деривати од овој термин (македонски/ска/ско) што важи и за јазикот, е јасен сигнал и индиции во еден процес за деноминирање на македонскиот идентитет, а во таа насока ја гледам и интерната одлука во ОН да се избегнува терминот „македонски јазик“.
Oва е интерна директива. Доколку македонската мисија во ОН работеше како што треба, сега сето ова ќе излезеше во јавноста. Се работи за нови правила при постапување на лица вработени во Секретаријатот на ОН. Според овие насоки, „македонски јазик“ не треба повеќе да се користи.
Целата сложена операција, чија тенденција е „бришење на македонскиот идентитет“, умешно е вградена во Преспанскиот договор, како вешто создадена стапица во креираните клаузули од договорот, при што со неговото потпишување истата процедура е започната. Затоа, треба негово итно раскинување ако сакаме да го зачуваме македонскиот идентитет.
Нашата меѓународна должност и обврска е да го елиминираме културоцидниот акт наречен Преспанска спогодба. Должност на секоја влада во која било држава е да ги елиминира културоцидните акти и нелегалната правна состојба произлезена токму од тие геноцидни акти.
Ова не е само право туку и меѓународна должност. Секоја држава-членка на ОН има меѓународна должност и обврска во својот правен промет да ги елиминира или поништи сите акти со кои се врши каква било форма на геноцид во лажната и нелегитимна држава „Северна“.
Ова што сега се случува со јазикот во ОН е само резултат од непромисленоста при потпишувањето на Преспанскиот договор.
Прашање на време беше кога и јазикот ќе се најде под оваа забрана, а очигледно и терминот „македонски јазик“ отиде под таа забрана.
Преку еден варварски и нецивилизациски чин, како што беше потпишувањето на Преспанскиот договор, се бришат еден цел народ и неговата култура, што е спротивно на јавниот морал во која било цивилизирана држава и спротивен на основните морални норми на цивилизираните народи.
Преспанскиот договор е контракултурен акт, чин со кој се вршат произволна акултурација, контракултурација и деградација, врз основа на моделот вграден во самиот договор со кој се спроведува културна хегемонија и културна дискриминација на перманентна основа.
Ваков контракултурен модел, содржински поседува норми и за културна асимилација и целосно ништење или деградирање на културниот идентитет на еден народ независно каде живее (во Грција, кај нас или каде било во светот). Ова е модел на културен холокауст.
Дали со институционалниот молк на службите на ООН и на нашето МНР се потврдува веродостојноста на информацијата.


