ПРИЛЕП ОСТАНА БЕЗ СВОЈОТ ЧУЧУРО Почина Диме Чучуро чуварот на градскиот Саат
Човекот што над 2.000 пати ги искачи скалите до срцето на Саат-кулата и со прилепски занаетчии го оживеа часовникот стар два века

Го напушти овој свет во годината кога се одбележуваат 200 години од изградбата на саат-кулата – симболот и заштитениот знак на Прилеп. Градскиот Саат е споменик на културата под законска заштита, а Диме Чучуро беше неговиот најпознат чувар. За прилепчани, Чучуро и Саатот беа нераскинлива целина.
Во 12-те години додека го одржуваше, поправаше и се грижеше за часовникот, тој повеќе од 2.000 пати ги искачи стрмните и тесни 63 камени и 23 дрвени скали од кулата висока 55 метри. Беше вистински еснаф човек, делче од мозаикот на старата прилепска чаршија. „Прилеп го сакаше, за ‘Победа’ живееше“, напиша на Фејсбук новинарот Зоран Милошески.
Во 2013 година, по неколку неуспешни обиди да добие дозвола, конечно успеа да ги убеди градските власти да му овозможат пристап до механизмот на часовникот. Дотогаш ни инженерите што се обидувале не успеале да го поправат.
Чучуроски тогаш изјави: „Часовникот не е пациент па да му каже на докторот што го боли, за потоа на снимки да се открие проблемот“. Наместо да бара делови во Виена или Грац, од каде што се претпоставува дека првично бил донесен механизмот, тој со неколку прилепски занаетчии ги изработи неопходните делови.
И навистина – кога ги монтираа новите елементи, срцето на часовникот повторно проработи. Од тој момент, звучните знаци што го одбележуваат секој час не престанаа да одекнуваат над градот.


