ПОЖАРИТЕ УШТЕ АКТИВНИ Регистрирани жаришта во Василево, Македонски Брод и Прилеп

ПОЖАРИТЕ УШТЕ АКТИВНИ Регистрирани жаришта во Василево, Македонски Брод и Прилеп

Македонија повторно се соочува со бран пожари – според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК), до 8:00 часот утрово евидентирани се 22 пожари на отворен простор. Од нив, четири се сѐ уште активни, три се ставени под контрола, а петнаесет се целосно изгаснати.

Најсериозна е состојбата во општина Василево, каде што во близина на селото Нивичино гори нискостеблеста шума со смрека, густи грмушки и сува вегетација. Поради силниот ветер и сушата, огнот брзо се шири.

Во општина Македонски Брод активни се два пожари – едниот во село Грешница каде што гори мешана шума и тревна површина, а вториот меѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа, каде е зафатена деградирана дабова шума. Огнот се шири во неколку правци и претставува закана за шумскиот екосистем.

Во Прилеп, меѓу селата Царевиќ и Смолани, огнот зафатил мешана шума и нискостеблеста вегетација. Пожарникарите и локалното население се борат со пожарот на тежок и непристапен терен.

Под контрола се ставени пожарите во Желино (на падините кон планината Жеден), Велес (во близина на селата Џидимирци, Крушје и Иванковци), како и во Струга (помеѓу селата Октиси и Белица). На овие локации гореле грмушки, сува трева и деградирана шума, но со брза интервенција на противпожарните екипи фронтовите се стабилизирани.

Во текот на изминатото деноноќие целосно се изгаснати 15 пожари, меѓу кои и во селата Студеничани, Долно Свиларе, Горно Коњари, Селце, Бунеш, Слатина, Слупчане, Псача, Железница, како и на локации во урбани и индустриски зони во Виница, Куманово, Кратово, Гостивар и Ресен.

Надлежните апелираат граѓаните да бидат крајно внимателни – да не палат оган на отворено, да не палат стрништа или отпад, бидејќи високите температури и сувото време создаваат услови за брзо ширење на нови пожари.

CATEGORIES
Share This