ПОЖАРИ СÈ УШТЕ БЕСНЕАТ ВО ПЕТ РЕГИОНИ – ЦУК апелира за претпазливост во екот на топлотниот бран

ПОЖАРИ СÈ УШТЕ БЕСНЕАТ ВО ПЕТ РЕГИОНИ – ЦУК апелира за претпазливост во екот на топлотниот бран

Од раните утрински часови, Центарот за управување со кризи (ЦУК) евидентираше вкупно 29 пожари на отворен простор ширум државата: пет се активни, два ставени под контрола, а 22 успешно изгаснати.

Најсериозна е состојбата на планината Жеден, помеѓу селата Желино и Еребино, каде што пламенот зафати нискостеблеста шума и густа вегетација. Активни фронтови и понатаму има во село Нивичино (опш. Василево), кај Грешница и повторно реактивираниот пожар помеѓу Црешнево, Локвица и Крапа (опш. Македонски Брод), како и во прилепскиот регион, меѓу селата Царевиќ и Смолани.

Пожарите кај село Слатина (Македонски Брод) и на линијата Џидимирци – Крушје – Иванковци (опш. Велес) се ставени под контрола благодарение на интервенцијата на теренските екипи.

Успешно се ликвидирани 22 огнени жаришта, меѓу кои повеќе локации во скопскиот регион, како и натрупаните пожари во Тетово, Гостивар, Куманово, Штип, Кочани, Свети Николе, Дојран и други општини.

ЦУК повторно апелира до граѓаните на максимална внимателност и одговорно однесување, особено во услови на екстремно високи температури и продолжен сушен период, за да се спречат нови пожари и да се заштитат шумите и населените места.

CATEGORIES
Share This