ПОЖАР ВО ТРУБАРЕВО – Четири лица згрижени на Токсикологија

Портпаролката на Владата, Марија Митева, на прес-конференција потврди дека засега нема дополнителни информации за нивната здравствена состојба.

ПОЖАР ВО ТРУБАРЕВО – Четири лица згрижени на Токсикологија
Фото: Национал

Четирите лица кои побараа лекарска помош по вчерашниот пожар во складиштето за рециклирање отпад во скопско Трубарево се надвор од животна опасност. На Клиниката за токсикологија е задржана жителка на Трубарево со коморбидитети, додека припадник на Армијата, директорот на Центарот за управување со кризи и полицаец веќе се пуштени на домашно лекување, соопшти министерот за здравство Азир Алиу.

Кај хоспитализираната пациентка се прават дополнителни испитувања и таа добива соодветен третман, а Алиу очекува наскоро и таа да биде пуштена дома.

Министерството за здравство формира кризен штаб и утврди протоколи за постапување. Владата денеска на онлајн седница ќе одлучи учениците од училиштата во непосредна близина на пожарот една недела да следат настава од далечина.

Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, информира дека според досегашниот мониторинг нема отстапувања во параметрите за радијација во воздухот. Во текот на денот ќе се направат дополнителни проверки на почвата и водата.

Таа апелира граѓаните да ги почитуваат препораките, особено ранливите групи – лица со хронични заболувања, бремени жени и деца бидејќи едноставните мерки можат значително да го намалат ризикот по здравјето.

ИЈЗ, како што нагласи Андоновска, не врши физичко-хемиски анализи, туку мониторинг на воздухот, почвата, водата и радијацијата, а досегашните мерења не покажуваат зголемена радиоактивност.

CATEGORIES
Share This