ПОВТОРНО СЕ РАЗГОРЕ – Пожарот кај Јажинце повторно активен

Пожарот кој вчера попладне беше ставен под контрола во атарот на тетовските села Рогачево и Јажинце, повторно се активираше синоќа околу 22:30 часот, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Според утринските информации од теренот (09:00 часот), огнот сè уште не е изгаснат и ситуацијата останува непроменета.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека во текот на ноќта, со помош на жителите на селото Рогачево, успеале да изгаснат една линија од пожарот.
– Пожарот повторно се реактивира во атарот на село Јажинце, општина Јегуновце, и брзо се прошири поради лесно запаллива вегетација и ветрови. Огнената линија стана подолга од еден километар и се движеше во насока на магистралниот пат Тетово – Јажинце. На патот поставивме одбрана со десет противпожарни цистерни, осум пинцгауери и еден воден топ на МВР – рече Ангелов.
Околу полноќ, Ангелов заедно со својот возач и седуммина жители од Рогачево се искачиле до линијата на огнот над патот, каде што, според проценката за поволни временски услови, започнале гаснење на терен.
– Гаснењето се одвиваше во две фази – гаснење и догаснување. Околу три часот по полноќ ја совладавме левата огнена линија во должина поголема од еден километар. Посебна благодарност до седумчлената група предводена од Цветко Војвода од Рогачево – додаде Ангелов.
Десната огнена линија, пак, останала активна поради непристапниот терен со густа вегетација и трње. Заради појавата на „жешки точки“ и опасност од повторно разгорување, активиран е полициски хеликоптер, кој точка по точка фрла вода од воздух. Еден крак од пожарот се движи и кон селото Дворце, во насока кон скопскиот регион.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја посетил локацијата на пожарот, каде што останал цела ноќ и утрото заедно со екипите. На терен се ангажирани пожарникари со навални возила од Тетово, Гостивар, Велес и Кавадарци, како и локалното население, кое активно учествува во гаснењето.


