ПОВЕЌЕ ОД БРОЈКИ – Зошто младите сега се воодушевени од сметководството
Студентите ја започнаа револуцијата во видео подкаст, а претседателката на ИСОС откри како професијата ќе стане омилена меѓу младите.

Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) изминатиот период спроведе низа активности за промоција на сметководствената професија и нејзино приближување до младите.
Во рамки на овие активности, ИСОС го поддржа студентскиот видео подкаст „Повеќе од само бројки – Сè што сте сакале да знаете за сметководствената професија“. Подкастот е воден од студенти, а во првата епизода, емитувана денеска, гостинка е претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.
„Особено ми е задоволство што младите беа инспирирани од Втората регионална конференција на сметководители, што доведе до иницијатива за овој подкаст. Ова е само една од нашите активности, а соработката со универзитетите и средните економски училишта бележи раст на интересот за сметководството“, истакнува Прентоска.
ИСОС потпиша меморандуми за соработка со средните училишта „Васил Антевски-Дрен“ и „Кочо Рацин“, овозможувајќи практична работа, кариерно советување и заеднички проекти. Соработката со Меѓународниот Балкански Универзитет и Универзитетот „Гоце Делчев“ се фокусира на иновации, дигитализација, обуки и практикантска работа на студентите.
Претседателката на ИСОС, Весна Прентоска, одржа и гостинско предавање на студентите од катедрата за сметководство и ревизија на Универзитетот „Гоце Делчев“.
„Интересот и ентузијазмот кај студентите ме радуваат. Комбинацијата на учење од искусни професионалци и технолошки вештини ќе го подигне квалитетот на професијата и довербата во финансиското известување“, истакна таа.
ИСОС веќе соработува со Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и со Американскиот Универзитет на Европа – ФОН. Во наредниот период, Институтот ќе продолжи со активности за промоција на сметководството меѓу студентите, средношколците и младите професионалци, со цел зголемување на атрактивноста на професијата.
