ПОТКУПОТ ШТО ЈА ТРЕСЕ МАКЕДОНИЈА – Главчев откри кој му барал милион евра
Клучната средба се случила во просториите на 1ТВ и деталите откриваат притисок врз обвинетиот.

По завршувањето на судскиот случај „Поштенска банка“ во 2024 година во полза на обвинетите, гевгелискиот бизнисмен Томе Главчев поднесе кривична пријава против поранешните обвинители на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) Катица Јанева, Бурим Рустеми и Лиле Стефанова. Тој тврди дека од него барале поткуп за да ја запре постапката против него, пишува Плусинфо.
Главчев наведува дека Катица Јанева, преку сведокот Бојан Јовановски (познат како Боки 13), побарала подарок од 1 милион евра за себе и за обвинителите кои постапувале во случајот, за да дадат позитивно мислење за гаранција и да се запре кривичната постапка.
Откако Главчев поднел пријава, обвинителката Лиле Стефанова возвратила со кривична пријава против него за „Лажно пријавување“ по член 366 од Кривичниот законик. Главчев тврди дека располага со материјален доказ аудио-снимка која е доставена до институциите и која потврдува дека барањето за поткуп било реално.
„Откако категорично го одбив барањето, постапката против мене продолжи повеќе години. Дали е случајност што по одбивањето притисокот продолжи? Тоа е прашање кое институциите треба да го испитаат“, изјави Главчев.
Според пријавата, клучниот настан се случил во јануари 2019 година во просториите на телевизијата 1ТВ во Скопје. Сведокот Боки 13 му пренел на Главчев дека постапката може да се запре ако се исполни условот на Јанева и исплата на 1 милион евра, од кои 30% веднаш, а остатокот по запирањето на истрагата. Главчев одбил да ги плати парите веднаш, по што постапката продолжила.
Претходно, Боки 13 барал од Главчев реклами за 1ТВ, првиот пат 50.000 евра, вториот 100.000 евра. Исто така, на средба во хотел „Рамада“ во Гевгелија, Јовановски и адвокат, за кого Главчев тогаш не знаел дека е Васко Димишковски, му понудиле „услуга“ за 500.000 евра за да се одбие жалбата на СЈО. Главчев одбил.
По измените на Кривичниот законик во јуни 2024, Рустеми повлекол обвинение против шестмина од обвинетите, но не и против Главчев и уште двајца обвинети. Главчев тврди дека тоа било затоа што не ги платил побараните пари. Лиле Стефанова, пак, продолжила со сите дејствија од СЈО, а подоцна и во Основното јавно обвинителство, со овластување од Републичкиот јавен обвинител.
„За истиот настан и исти докази, шест лица добија повлекување на обвинението, а за нас тројца, меѓу кои и јас, постапката продолжи. Наместо проверка на доказите, јас станав обвинет за лажно пријавување“, истакнува Главчев.
Главчев посочува дека неговата кривична пријава веднаш станала достапна во постапка против него, иако формално не била разгледана. Тој смета дека тоа ги загрозува принципите на доверливост и правна сигурност.
„Особено загрижува тоа што пријавата против мене ја поднела обвинителка која е дел од предметот и е координатор во обвинителството. Тоа создава впечаток на конфликт на интереси и непристрасност. Јас постапив во добра верба и доставив материјален доказ. Граѓанин кој пријавува сомнеж за криминал треба да биде заштитен, а не прогонет“, нагласува Главчев.
