ПОРАКА ОД МАКРОН ДО ИРАН – Запрете со нападите и блокадата на Ормутскиот теснец
Макрон го повика иранскиот претседател веднаш да ги запре нападите врз соседните земји.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска телефонски разговараше со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и го повика Иран веднаш да ги запре нападите врз соседните земји и да ја прекине блокадата на Ормутскиот теснец.
„Иран мора да гарантира слобода на пловидбата, прекинувајќи го фактичкото затворање на Ормутскиот теснец. Ја искажуваме нашата длабока загриженост за развојот на нуклеарната и балистичката ракетна програма на Иран, како и за сите негови дестабилизирачки активности во регионот, кои се во коренот на сегашната криза“, изјави Макрон на платформата X.
Тој нагласи дека дипломатско решение е потребно повеќе од кога било за да се надминат овие клучни предизвици, да се запре ескалацијата и да се зачува мирот.
Макрон посочи дека безбедноста и враќањето на француските граѓани Сесил Колер и Жак Пари, кои моментално се наоѓаат во зградата на француската амбасада во Иран, се апсолутен приоритет за Франција.


