ПОПЛАВИТЕ ВО ЧЕШИНОВО – ОБЛЕШЕВО Околу 50 граѓани пријавија значителни штети

Во Општина Чешиново – Облешево, околу 50 граѓани пријавија штети предизвикани од неодамнешните поплави. Процесот на пријавување е завршен, а најголемиот дел од пријавите се однесуваат на штетите во нивите и дворовите на жителите. Исто така, забележани се штети на бунарските системи, бушотини и хидрофори, како и на оризот складиран во амбарите.
Граѓаните истакнуваат дека ситуацијата моментално е стабилна, водата е повлечена, но штетите остануваат. Најголемата штета е забележана во оризовите ниви, каде што околу 20% од оризот остана необран. Врнежите од дожд и каливите површини го отежнаа влезот на механизацијата, а земјоделците се обидуваат да го спасат оризот кој е во амбарите.
Општина Чешиново – Облешево формираше комисија за проценка на штетите, која во наредниот период ќе излезе на терен. По завршувањето на проценката, списокот со штетите ќе биде испратен до соодветните институции и министерства за да се обезбедат обештетувања за граѓаните.
Крајот на минатиот месец донесе излевање на Кочанска река, што предизвика поплави во неколку населени места во Општина Чешиново – Облешево. На терен веднаш се реагираше со тешка механизација за да се санираат дефектите и да се отстрани водата од дворовите и нивите на граѓаните.


