ПОПЛАВИ ВО МАКЕДОНИЈА – Сите надлежни служби со интензивни интервенции на терен

Континуирано следи состојбите и интервенира каде што е потребно во координација со ЦУК и Системот за управување со кризи.

ПОПЛАВИ ВО МАКЕДОНИЈА – Сите надлежни служби со интензивни интервенции на терен
Фото: Принтскрин

Тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), заедно со локалното население, синоќа интервенираа и ќе продолжат со дејствување и денеска за помош при поплавите и излевањето на водотеци во општините Сарај, Куманово, Липково, Тетово, Маврово и Ростуше, Кичево и Охрид.

Во скопскиот регион, покрај седумте теренски тимови на ДЗС, во поплавените села Буковиќ и Семениште (Општина Сарај), каде беа зафатени над 30 куќи и дворови, интервенираа и екипи од Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Активностите беа насочени кон расчистување на подрачјата и одводнување на поплавените површини за постепена нормализација на состојбата.

Во Општина Липково, реката Слупчанка излезе од коритото во село Опае, зафатувајќи дел од населеното место, а излевање е регистрирано и во атарот на село Оризаре, каде беа поплавени земјоделски површини. Засега нема пријавени материјални штети кај жителите, освен на обработливо земјиште. Во Кратовско и Кривопаланечко не беа пријавени поплави.

Во тетовскиот регион, интензивните врнежи предизвикаа зголемен водостој и проблеми со одводните канали. Пријавени се свлечишта на патниот правец Тетово – Џепчиште (патот е затворен), додека патот кон село Једуарце е расчистен и повторно прооден. На делницата Тетово – Попова Шапка сообраќајот е отежнат, а за тешки товарни возила и автобуси е воведена забрана. Засега нема опасност од излевање на поголемите водотеци, а снабдувањето со струја и вода е стабилно.

Во гостиварскиот регион, поплавени се куќи, подруми и стопански објекти во Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше. Во село Беловиште беа евакуирани лица од поплавен објект, додека во село Форино реката Вардар излеа и зафати земјоделски површини. Механизација беше ангажирана за расчистување на коритото на реката.

Во охридско-кичевскиот регион, состојбата во Охрид е стабилна, без пријави за поплави. Во Кичево, по излевањето на Зајашка Река, поплавени се повеќе куќи и дворови, при што над 200 лица беа евакуирани, а попладне дополнително околу 30 семејства. Евакуирани се и стари, изнемоштени лица и деца. Локалната ТППЕ Кичево во претходните и сегашната поплава изврши преку 250 евакуации и испумпување на вода од витални објекти. Дополнително, се расчистува автопатот кај Колари за безбедност во сообраќајот.

Акцијата продолжи и синоќа, а лицата без услови за престој се сместени најмногу во спортската сала во Кичево. Од подрачните одделенија во Охрид и Кичево се обезбедени полски кревети и пумпи за испумпување вода.

ДЗС продолжува да дејствува таму каде што ќе биде побарана помош и континуирано ги следи состојбите во координација со ЦУК и други субјекти од Системот за управување со кризи (СУК).

CATEGORIES
Share This