ПОНИКВА ОД САБОТА ОТВОРЕНА ЗА ПАЦИЕНТИ Во болницата во Кочани нови современи и функционални инвестиции

Кочани е наш приоритет и ќе продолжи да биде. Граѓаните имаат право на современи услови, а институциите имаат обврска истите да ги обезбедат. И ова што денес го гледаме е уште една потврда за нашата посветеност на Кочани.

ПОНИКВА ОД САБОТА ОТВОРЕНА ЗА ПАЦИЕНТИ Во болницата во Кочани нови современи и функционални инвестиции

Прес конференција во Владата на Република Македонија на која зборуваа в.д. директорката на болницата во Кочани д-р Катерина Паниќ – Мирчовска, и порпаролката на владата Марија Митева.

д-р Катерина Паниќ – Мирчовска рече дека е пристигната првата пратка на креми за апликација на изгорениците, а стигнаа и лепенките кои пациентите ги бараа.

Таа најави дека одморалиштето на МВР во Пониква од утре ќе почне да ги прима пациентите од трагедијата во Кочани во која на 16 март во пожар во дискотеката „Пулс“ која работела со фалсификувана лиценца загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.

Пациентите ќе бидат поделени во групи што ќе ротираат на две недели, а првата група ќе биде со повредени кои веќе добиваат физикална терапија, како и пациенти кои имале само изолирана инхалаторна повреда. На Пониква физикалната терапија ќе ја обавуваат четворица физиотерапевти, ќе има медицински сестри, специјалист физијатар, а во соработка со Центарот за психолошка поддршка од Скопје и невладини организации ќе има и посета од психолози и психијатри.

Исто така, д-р Паниќ – Мирчовска потенцираше дека се потпишани договори со Градската општа болница ГОБ „8 Септември“ во Скопје за пулмолози.

„Во соработка и со Владата донесени се потребните креми за апликација на изгорениците – првата пратка веќе пристигна во болницата и дел од неа во одморалиштето на Пониква. Стигнаа и лепенки што пациентите долго ги бараа, првата пристигната тура брои 95 лепенки. Потпишани се договори со ГОБ „8 Септември“ за пулмолози. Има списоци со пациенти на кои им е неопходен преглед кај пулмолог. Ќе се направи список на потреби, распоред за пулмолошки прегледи, што ќе се одвиваат во Општата болница – Кочани“, истакна д-р Паниќ – Мирчовска.

Директорката на болницата ги сподели искуствата и за компресивната облека, која ја користат повредните.

„Веќе на 58 повредени им е дадена компресивната облека и тие ја носат. Веќе имаме видливи позитивни промени на самите лузни“, истакна таа.

На плус други 14 лица им биле направени мерења за носење компресивна облека.

„Најавата на претставниците од компанијата од Германија и на претставниците од претставништвото во Бугарија, ни е дека за две недели повторно ќе дојдат, да ги видат позитивните или негативните забелешки што ги имаат повредените во однос на компресивната облека, во однос на мерките и доколку се соодветни кај сите, ќе почне процесот на изработка на вториот пар на компресивна облека, а ќе им биде доставена и првиот пар компресивна облека на тие на кои им се направени мерки во текот на оваа недела“, додаде Паниќ – Мирчовска.

Таа рече дека компресивната облека им дозволува да можат да ги извршуваат вежбите на физикална медицина, овозможува да се вршат секојдневни активности, а додаде и дека тоа е дополнителна заштита и од сончева светлина, бидејќи тие користат заштитен фактор 30 во самиот материјал од што се изработени.

Во текот на престојот на Пониква, за оние кои се во училиште, во план е да има средба и со нивни наставници, педагози и психолози од нивните училишта.

Порпаролката на владата, Марија Митева истакна:

Денес сакам да информирам за конкретни и видливи активности коишто ги презема Владата и ги спроведува во Кочани се со цел подобрување на условите за здравствена грижа и подигнување на стандардите за згрижување и рехабилитација на пациентите.

Во моментов се одвива реконструкција на просторот на физикална медицина во Кочанската болница, со вкупна површина од 350 квадратни метри. Рокот за завршување на работите е предвиден во наредните три до четири недели.

Сакам да ве информирам за тоа како оди текот на реконструкцијата. Работите започнаа со поставување на нови прозорци, целосно нова електрична инсталација и нова водоводна и канализациона мрежа.

Реконструкцијата ќе продолжува со:

Хидроизолација на објектот, поставување на комплетно нова вертикала на водоводната и канализационата мрежа која ги поврзува и горните оддели над физикална медицина – конкретно хирургија, гинекологија и неврологија, порамнување и обновување на подот и поставување на нови врати.

Особено важно што цениме како Влада дека е потребно да се нагласи е дека по долги години се оспособува хидрантската мрежа која беше целосно нефункционална, и во тек е поставување на нов противпожарен систем, неопходен елемент за безбедноста на пациентите и медицинскиот персонал.

Ова не е само реконструкција – ова е јасен сигнал дека Кочани добива системска грижа.

Исто така таму се преземаат сериозни чекори за подобрување на условите во одморалиштето кое веќе, морам да најавам од утре ќе ги прими и пациентите.

Министерството за спорт целосно ги опреми двете игралишта за рекреација.

Поставени се комарници, кои се од суштинско значење за заштита на пациентите во оваа фаза.

Спроведена е и комплетна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, вклучително и на шахтите околу објектот, во соработка со Центарот за јавно здравје Кочани.

За разлика од времето кога институциите беа оставени сами на себе, без основни средства и без визија, денес имаме како Влада системски пристап, вложуваме во инфраструктурата, во безбедноста и во достапноста на здравствениот систем.

Кочани е наш приоритет и ќе продолжи да биде. Граѓаните имаат право на современи услови, а институциите имаат обврска истите да ги обезбедат. И ова што денес го гледаме е уште една потврда за нашата посветеност на Кочани.

Ви благодарам

CATEGORIES
Share This