ПОЛОВИНА ВЕК ИСТОРИЈА – Кинотеката открива свои тајни
Над 15.000 филмови, 72.000 фотографии и плакати и 100.000 документи откриваат македонската филмска магија.

Годинава, Кинотеката на Македонија слави половина век од своето постоење. Институцијата е формирана како објект од посебен интерес за Републиката со цел да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од уметничко, културно, научно, историско и општествено значење. Официјално, Кинотеката започнува со работа во 1976 година, две години по усвојувањето на Законот за формирање на Кинотеката на Македонија на 29 април 1974 година.
Кинотеката располага со богат фонд од над 15.000 филмски копии, повеќе од 72.000 парчиња пропаганден материјал, фотографии и плакати, како и над 100.000 пишувани документи. Во состав на институцијата е и специјализираната библиотека со над 4.500 книги и списанија за историјата и теоријата на филмот, како и 32.500 прес-клипинзи. Дополнително, Кинотеката чува колекција на стари кинематографски апарати.
Архивските материјали, односно целокупната македонска филмска продукција од 1905 година до денес, како и филмовите снимени од странски автори во Македонија до Втората светска војна, се чуваат во посебен оддел во депоа со контролирана температура и влажност. Останатите филмски материјали се сместени во редовните кинотечни депоа.
Кинотеката функционира преку два сектора како што се филмскиот архив за прибирање, заштита, чување и обработка на филмови и придружна филмска документација и секторот за истражувачка и јавна дејност со задача за издавачка, библиотечна, меѓународна и филмска програмска активност.
Институцијата е членка на Меѓународната федерација на филмските архиви (FIAF), Европската асоцијација на кинотеките (ACE) и асоцијацијата Europa Cinemas.
По повод 50-годишниот јубилеј, в среда, на 8 април, ќе биде промовирана поштенска марка за Кинотеката, изработена од авторот Лазе Трипков. На настанот ќе се обратат директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски, директорот на „Поштенски сообраќај“ во АД „Пошта“, Бојан Кереместевски, и раководителот на архивот на Кинотеката, Игор Старделов.
