ПОЛОВИНА ДРЖАВА УТРОВО БЕЗ СТРУЈА Проблемот е европски а во минатото и мрежата била запоставена велат од Мепсо
Компанијата уверува дека будно ја следи состојбата и е во постојана координација со регионалните системи, со цел да се обезбеди сигурно и стабилно напојување со електрична енергија за сите корисници.

Во раните утрински часови, голем дел од државата се соочи со краткотраен прекин на напојувањето со електрична енергија поради дефект на 110 киловолтната преносна мрежа. Од АД МЕПСО информираат дека причина за прекинот биле високите напони во 400 киловолтната мрежа кои ги зафатија преносните системи низ целиот регион.
„Станува збор за регионален, па дури и европски проблем со кој се соочуваат речиси сите оператори на преносни системи. Нискиот конзум и транзит на електрична енергија за време на ноќните часови и викендите во овој период од годината предизвикуваат нестабилности во мрежата“, појаснуваат од компанијата.
Прекинот доведе до краткотрајна неактивност на трансформаторите 400/110 киловолти во трансформаторските станици, но, како што информираат од МЕПСО, екипите реагирале веднаш и за околу еден час системот бил стабилизиран и напојувањето со електрична енергија во целата држава било нормализирано.
Во соопштението се наведува и дека техничките екипи продолжуваат со работа на дополнително стабилизирање на системот.
„Систематски, преку реализација на нови инвестиции и во координација со соседните преносни оператори, работиме на зајакнување на стабилноста на мрежата – систем што во минатото беше запоставен и неадекватно одржуван“, велат од АД МЕПСО.
Компанијата уверува дека будно ја следи состојбата и е во постојана координација со регионалните системи, со цел да се обезбеди сигурно и стабилно напојување со електрична енергија за сите корисници.


