ПОЛИТИЧКИ СУДИРИ ВО АЛБАНСКИОТ БЛОК: Меџити го обвини Таравари за предавство на промената
Политичката сцена во Северна Македонија се затресе по најавата на Арбен Таравари, лидер на едното крило на Алијансата за Албанците, дека ја напушта владината коалиција и преминува во опозиција.

Оваа одлука предизвика бурни реакции, особено од коалицискиот партнер во „Влен“, Изет Меџити, лидер на Демократското движење.
Во остро формулирана објава на социјалната мрежа „Фејсбук“, Меџити жестоко го нападна Таравари, обвинувајќи го дека не ја напуштил Владата, туку ја предал. Според Меџити, Таравари не ги исполнил очекувањата на граѓаните кои гласале за промени во албанскиот политички блок.
„Ти не донесе промена. Ти не се враќаш кон народот. Ти се враќаш кон црната листа. Ти не ја напушташ Владата. Ти ја предаде Владата“, напиша Меџити, додавајќи дека Таравари е разочарување за секој Албанец што верувал во промените.
Од Демократското движење порачуваат дека коалицијата ВЛЕН продолжува по патот на промената и ги повикуваат сите разочарани активисти, симпатизери и гласачи да им се придружат во понатамошната политичка борба.
Од друга страна, Таравари на прес-конференцијата во Тетово изјави дека неговата одлука е резултат на неисполнетите очекувања и отворените сомнежи во рамки на коалицијата. Тој потенцираше дека враќањето кон народот и подготовките за локалните избори во октомври се единствениот исправен чекор.
„Минатата година со гордост ја донесовме промената во албанскиот политички блок. Но за жал, не успеавме да ги испорачаме очекуваните резултати. Граѓаните секојдневно не критикуваат и ние мора да преземеме одговорност“, изјави Таравари.
Тој исто така посочи дека разговорите за соработка со коалицијата „Вреди“ биле неуспешни, што дополнително влијаело на одлуката за излез од Владата.
Политичката состојба во албанскиот блок останува нестабилна, а следните месеци до локалните избори ќе бидат клучни за дефинирање на идниот распоред на силите и довербата кај гласачите.


