ПОЛИТИЧКИ СПРИНТ Коцевски побрз од пратениците, си поднесе оставка пред да го разрешат

Со потег во последен момент, републичкиот обвинител си замина пред пратениците да гласаат за негово разрешување.

ПОЛИТИЧКИ СПРИНТ Коцевски побрз од пратениците, си поднесе оставка пред да го разрешат
Фото: Национал

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски утринава поднесе неотповиклива оставка, непосредно пред одржувањето на собраниската седница на која како точка на дневен ред беше предвидено барањето на Владата за негово разрешување. Одлуката Коцевски ја соопшти на прес-конференција во Јавното обвинителство, информирајќи дека писмената оставка веќе ја доставил до надлежните институции.

Коцевски се реши на овој чекор откако, како што оцени, станало јасно дека владиното мнозинство е цврсто решено да го отстрани од функцијата, и покрај тоа што Советот на јавни обвинители претходно годинава даде негативно мислење за предлогот за негово разрешување. Иако во Собранието му беше изгласана интерпелација, тој продолжи да ја извршува функцијата, бидејќи интерпелацијата немаше правно дејство.

На прес-конференцијата Коцевски истакна дека од функцијата заминува со „гордо крената глава“, но и со чувство на разочараност, оценувајќи дека постапката за негово разрешување е политички мотивирана.

„Од функцијата што ја извршував помалку од две години заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради очигледното непочитување на принципите на правната држава. Доказ за тоа е што дури денеска, само еден час пред закажаниот почеток, ми беше доставена покана да присуствувам на седницата на Собранието на која требаше да се расправа за мое разрешување. Предлогот за разрешување воопшто не ми беше доставен, па не знам за што требаше да се произнесам“, изјави Коцевски.

Тој додаде дека не му бил оставен разумен рок за подготовка на соодветно обраќање и потсети дека државниот јавен обвинител може да биде разрешен исклучиво доколку се утврди тешка дисциплинска повреда.

„Ова правило не постои за заштита на Љупчо Коцевски или на кој било иден обвинител, туку за заштита на самостојноста на Јавното обвинителство и начелото на поделба на власта – принципи кои денес се сериозно нарушени“, нагласи тој.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, пред почетокот на седницата ги информираше пратениците дека Коцевски поднел барање за престанок на функцијата. Поради тоа, како што посочи, расправата за негово разрешување станува беспредметна и таа точка нема да се разгледува.

Владата првично ја запре постапката за смена на Коцевски по трагедијата во Кочани, оценувајќи дека моментот не е соодветен. По започнувањето на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, извршната власт повторно ја активираше постапката и на седницата одржана на 9 декември донесе одлука за покренување постапка за негово разрешување, наведувајќи повеќе причини за таквиот чекор.

CATEGORIES
TAGS
Share This