ПОЛИТИЧКИ ПРЕСВРТ – Нема мнозинство за Законот за прекршоци

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека има договор - СДСМ возвраќа дека нема мнозинство

ПОЛИТИЧКИ ПРЕСВРТ – Нема мнозинство за Законот за прекршоци
Фото: Архива

Координаторите на пратеничките групи во наредните денови треба да постигнат договор во врска со заклучоците од вчерашната лидерска средба, на која се разговараше за изборот на нов Народен правобранител – процес кој беше блокиран од Европскиот фронт поради несогласување со предложениот кандидат.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека очекува брзо решение кое ќе биде прифатено од сите страни, како и договор за поддршка на измените на Законот за прекршоци.

„Сметам дека координаторите уште денес ќе се состанат и ќе започнат со усогласување на законите што се договоривме да ги донесеме што е можно побрзо. Можно е решението да го имаме денес или утре,“ порача Гаши.

Покрај изборот на Народен правобранител, на дневен ред е и гласањето на измените во Законот за прекршоци, познат како „Сејф сити“ систем, кој исто така беше тема на лидерската средба. За усвојување на измените е потребно двотретинско мнозинство и поширока политичка поддршка.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, тврди дека договор е постигнат:

„Клучните точки се усогласени. Договорено е пратениците од коалицијата предводена од ДУИ да ги поддржат измените во Законот за прекршоци. За ова ќе го информираме претседателот на Собранието со цел утре да се закаже седница,“ рече Мицевски.

Но од СДСМ го демантираат ова. Координаторот Оливер Спасовски за ТВ21 изјави дека не бил повикан на координацијата и дека согласност сè уште нема, поради што утрешна седница нема да има.

„Не присуствував затоа што не бевме поканети. На состанокот биле ВМРО-ДПМНЕ, Левица, ВЛЕН и ДУИ. Првично најавија дека седницата ќе се одржи, но потоа ја откажаа бидејќи немаат мнозинство. Очигледно некој има забелешки,“ изјави Спасовски.

Премиерот Мицкоски вчера нагласи дека измените на Законот за прекршоци се приоритет, за да може „Сејф сити“ системот да профункционира од 1 февруари.

CATEGORIES
TAGS
Share This