ПОЛИТИЧКА БИТКА ВО БРИСЕЛ Македонскиот идентитет против бугарски услови
Мицкоски потенцираше дека Владата има целосно право да лобира за македонските позиции низ светот, споменувајќи ги активностите во Вашингтон, Брисел, Лондон и Берлин.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека исходот од гласањето за Предлог-извештајот за Северна Македонија во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), закажано за 24 јуни, ќе биде јасен показател дали проблемот е навистина внесувањето на бугарската заедница во Уставот, или како што рече длабоко оспорување на македонскиот идентитет и јазик.
„Ако извештајот не биде усвоен, тогаш македонските граѓани треба да знаат дека проблемот не се неколкуте стотини граѓани со бугарска самосвест, туку нашето постоење – нашиот јазик и нашата посебност“, изјави Мицкоски по отворањето на реконструираното Одделение за управни работи во Скопје.
Гласањето за извештајот, изготвен од известувачот Томас Вајц, беше одложено на 4 јуни, поради, како што објасни Вајц, „интензивни политички дебати“. Тој додаде дека извештајот нема цел да решава билатерални прашања меѓу Бугарија и Македонија, туку се фокусира на владеењето на правото и правата на малцинствата.
Сепак, Мицкоски предупреди дека најновите реакции, особено од бугарските европратеници, покажуваат дека токму идентитетските прашања претставуваат камен на сопнување.
„Претходната влада не уверуваше дека прашањето за македонскиот идентитет и јазик е формалност. Но, сведоци сме дека за некои европратеници, особено од истокот, тоа не е така. Тие дури и додаваат зборови како ‘сегашен’ пред македонскиот јазик што значи дека се доведува во прашање самото негово постоење“, рече премиерот.
Во меѓувреме, Вајц стана цел на критики и напади, особено од бугарски европратеници, кои го обвинуваат дека ја фаворизира Македонија и дека не ги зема предвид наводните напади врз бугарското малцинство. Вајц за „Политико“ изјави дека е нормално да се среќава со претставници од земјата-кандидат, а не гледа причина за обвинувањата. Тој покажа и заканувачки пораки кои ги добил откако неговиот телефон бил споделен на профили на бугарски десничарски групи.
Мицкоски потврди дека имал средба со Вајц, но во проширен формат, без директна тет-а-тет дискусија. Потенцираше дека Владата има целосно право да лобира за македонските позиции низ светот, споменувајќи ги активностите во Вашингтон, Брисел, Лондон и Берлин.
Во однос на реформскиот процес, премиерот најави дека на владината седница ќе се разгледаат обврските со рок до 30 јуни, според Реформската агенда.
„Најголем дел од тие обврски се веќе во процес на реализација, а и оние што се уште не се, ќе бидат завршени. Се бориме да го задржиме приматот како најнапредна земја во процесот на пристапување кон ЕУ“, додаде тој.
Мицкоски истакна дека Македонија останува посветена на европскиот пат, потсетувајќи дека прва ја вовела СЕПА, прва потпишала договор за безбедносна и одбранбена политика со ЕУ и дека ќе продолжи да се залага за вредностите на европското семејство.


