ПОЛИЦАЈЦИТЕ ИЗЛЕГУВААТ НА ПРОТЕСТ Судовите во Скопје го кршат законот за минимална плата

Ако некои судии не се сигурни како да постапуваат, нека се консултираат со колегите од Битола и Гостивар или нека се вратат на правниот факултет

ПОЛИЦАЈЦИТЕ ИЗЛЕГУВААТ НА ПРОТЕСТ Судовите во Скопје го кршат законот за минимална плата

Независниот синдикат на полицијата најави протест на полициските службеници што ќе се одржи утре во Скопје, со почеток во 12 часот на раскрсницата кај Мавровка, а ќе заврши пред Судскиот совет. Претседателот на синдикатот, Мартин Ефремов, денеска пред Основниот граѓански суд го најави протестот, барајќи изедначување на судската пракса и целосно почитување на Законот за минимална плата.

Ефремов посочи дека платата на полициските службеници, според законската рамка и колективниот договор, се состои од основна плата, зголемување од 30 проценти и додатоци за минат труд. Според него, основната плата не смее да биде пониска од законски утврдената минимална плата, а сите додатоци треба да се пресметуваат врз таа основа.

„Судовите во Битола и Гостивар веќе донесоа пресуди кои ја потврдуваат оваа практика. За жал, Апелациониот суд во Скопје се обидува да воведе поинакво толкување, според кое основната плата се пресметува заедно со зголемувањето, што е спротивно на законот“, изјави Ефремов.

Тој додаде дека моменталната основна плата на полициските службеници изнесува околу 25.000 денари, што е само 1.000 денари над минималната плата, и праша каде е тогаш основата, ако се одземат зголемувањата.

Во однос на судската пракса, Ефремов информираше дека Независниот синдикат на полицијата поднел претставки против четворица судии од скопските судови – двајца од Основниот граѓански суд и двајца од Апелациониот суд. Претставките се поднесени поради сомнежи за пристрасност, откако судиите присуствувале на советување во Министерството за внатрешни работи, кое воедно е и странка во постапките.

„Сметаме дека овие судии сакаат да ја променат судската пракса што веќе е утврдена во Гостивар и Битола, и поради тоа побаравме нивно изземање од предметите“, рече Ефремов.

Тој истакна дека, по поднесувањето на претставките, Апелациониот суд во Скопје издал демант дека предметите сè уште не се решени, но според него, веќе има одлука за укинување на првостепена пресуда, што покажува хаос во судската практика.

За утрешниот протест, синдикатот ги информирал и своите партнерски синдикати од Балканот и Европа, а на протестот се очекува присуство и на странски полициски синдикални претставници.

„Ќе испратиме силна порака дека законот мора да важи подеднакво за сите. Не може законот за полицијата да важи само кога треба полицајците да се казнуваат. Ако некои судии не се сигурни како да постапуваат, нека се консултираат со колегите од Битола и Гостивар или нека се вратат на правниот факултет“, заклучи Ефремов.

CATEGORIES
Share This