ПОЛЕМИКА ОКОЛУ ИЗБОРОТ НА ДРЖАВЕН ОБВИНИТЕЛ – Владата и Ристоска со спротивставени ставови
По изјавата на премиерот за Канал 5, Ристоска реагира дека однапред исклучување на кандидат без анализа на програмата и професионалниот пат ја нарушува довербата во системот.

Премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско гостување истакна дека обвинителката Ленче Ристоска не е кандидатка што Владата ја разгледува за функцијата државен јавен обвинител.
Мицкоски нагласи дека конечната одлука ќе биде донесена откако Владата на Република Македонија ќе изврши целосен увид во официјалната документација.
„Не можам да изнесувам лични ставови без увид во записникот“, изјави премиерот.
Претходно, Советот на јавните обвинители даде позитивно мислење за четворица од петтемина кандидати за државен јавен обвинител. Поддршка добија актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристоска, судијата од Кривичниот суд Ненад Савевски, како и обвинителката од скопското Обвинителство Лидија Раичевиќ.
По изјавата на премиеротсо реакција се огласи Ристоска, која оцени дека однапред исклучување на кандидат без анализа на неговата програма и професионален пат отвора сериозни прашања за критериумите што се применуваат при изборот.
„Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност“.
Професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува. Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека, без оглед на компетентноста, подобноста е примарна а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество, порача Ристоска.


