ПОДЕЛБА НА БИЗНИСОТ СО МОБИЛНИОТ ПАЗАР – А1 води по корисници, Телеком по приходи
АЕК објави дека во третиот квартал биле реализирани над 1,29 милијарди минути разговор

Бројот на активни претплатници во мобилната телефонија во државата, заклучно со третиот квартал од минатата година, достигна 2.105.467, при што биле реализирани вкупно 1.299.617.051 минути разговор.
Од вкупниот број претплатници, 833.089 се резиденцијални припеид корисници, 1.024.072 се резиденцијални постпеид, додека 248.306 се деловни постпеид претплатници, покажуваат најновите податоци на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
Според уделот во вкупниот број мобилни претплатници, води А1 Македонија со 47,41 процент, по што следува Македонски Телеком со 46,68 проценти. М ТЕЛ учествува со 4,55 проценти, Телекабел со 1,27 проценти, а Греен Мобиле со 0,10 проценти.
Кога станува збор за приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги на малопродажно ниво во третиот квартал од 2025 година, Македонски Телеком има најголем удел од 49,49 проценти, веднаш зад него е А1 Македонија со 48,58 проценти, додека М ТЕЛ учествува со 0,93 проценти, Телекабел со 0,79 проценти, а Греен Мобиле со 0,11 проценти.
Пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2G/3G/4G) во третиот квартал имале вкупно 1.781.697 претплатници.
Во однос на фиксната телефонија, според АЕК, во државата имало 459.643 активни фиксни линии. Македонски Телеком има удел од 51,68 проценти, А1 Македонија 43,34 проценти, Телекабел 3,17 проценти, Неотел 1,26 проценти, додека Актон учествува со 0,55 процент.


