ПОЧНУВА МЕРКАТА ЗА СТУДЕНТСКИ ВАУЧЕРИ – Секој студент добива 250 евра за електронски уред

Според Законот за издавање вредносни ваучери, усвоен на 24 јули, секој студент до 29 години, запишан на државен или приватен факултет, ќе добие ваучер во вредност од 250 евра.

ПОЧНУВА МЕРКАТА ЗА СТУДЕНТСКИ ВАУЧЕРИ – Секој студент добива 250 евра за електронски уред
Фото: Национал

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека државата ќе издвојува над 50 милиони евра за студентски ваучери за набавка на електронски уреди, како дел од процесот на дигитализација.

Во телевизиски гостување Андоновски објасни дека оваа мерка е конкретен пример за дигитализација во пракса, бидејќи како што рече „не е доволно само да се дигитализираат услугите, туку треба да се обезбедат алатки и за младите за да можат да ги користат тие услуги“.

Како одговор на критиките од СДСМ, кои ја оценија мерката како единствена за младите во изминатата година, министерот возврати дека опозициската партија задоцнила седум години и не спровела ниту една ваква иницијатива во своето владеење.

„Премиерот ја најави мерката пред околу десет месеци. Бидејќи беше доцна за да се планира во ланскиот буџет, ја вклучивме во буџетот за оваа година и веќе почнавме со реализација, рече Андоновски.

Тој посочи и дека паралелно со оваа мерка, Владата вработува млади во клучните институции како специјализанти, лекари, полицајци и припадници на одбраната и дека Министерството за дигитална трансформација веќе има нова генерација млади вработени.

Андоновски ги повика студентите да се регистрираат на порталот uslugi.gov.mk за да се подготват за аплицирање.

„Аплицирањето сè уште не е започнато, но ги охрабрувам младите навреме да креираат профил за да можат лесно да аплицираат онлајн, без чекање во редици“ – додаде министерот.

Според Законот за издавање вредносни ваучери, усвоен на 24 јули, секој студент до 29 години, запишан на државен или приватен факултет, ќе добие ваучер во вредност од 250 евра.

Со овие средства, од септември, ќе можат да набават лаптоп, таблет или персонален компјутер.

CATEGORIES
TAGS
Share This