ПОЧНА СУДЕЊЕТО ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО ПУЛС Преполна сала, строги правила
Судот најави санкции за секое неоправдано одлагање и строга контрола на документацијата.

Со мало задоцнување и пред преполна судница во КПУ „Идризово“, утрово започна судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде на 16 март загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. На рочиштето присуствуваат обвинетите, семејствата на жртвите, голем број новинари, како и претставници на ОБСЕ, ЕУ, САД и дипломатски мисии, под засилени безбедносни мерки и со присутен медицински тим.
Судијката Диана Груевска Илиевска, која го води процесот, на почетокот побара дисциплина и почитување на редот, нагласувајќи дека секоја страна има право на една опомена, а при втора ќе следи отстранување од рочиштето. Таа истакна дека судот ќе постапува професионално и транспарентно, со целосен респект кон болката на семејствата на загинатите.
„Ќе имаме респект кон тагата и болката на роднините на жртвите. Секој ќе може да ја изнесе својата верзија и да предложи докази. Не можам да ветам брзина, но можам да ветам професионалност. До правдата ќе стигнеме“, рече Груевска. Апелираше семејствата, доколку можат, да се организираат и на рочиштата да присуствува по еден претставник, за да се обезбедат услови за работа.
Судијката најави строги контроли на лекарските оправдувања и санкции за секое неоправдано одлагање. Нејзин заменик е судијата Ахмед Идризи, а во советот се вклучени и четворица поротници, меѓу кои и еден резервен за да се избегне застој во процесот.
Обвинителниот акт, поднесен на 13 јуни и одобрен на 3 октомври, опфаќа 38 обвинети – 35 физички и три правни лица. Тие се товарат за тешки дела против општата сигурност. Меѓу обвинетите има сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Обвинителството е застапено од тим од 15 јавни обвинители. Рочиштата ќе се одржуваат со динамика од две неделно.


