ПОЧНА АВГУСТОВСКАТА СЕСИЈА ОД ДРЖАВНАТА МАТУРА – 1.118 ученици ќе полагаат
Денеска почнува августовската сесија од државната матура за матурантите кои не ја положија во јуни.

Првиот, задолжителен екстерен испит – мајчин јазик и литература, го полагаат вкупно 586 кандидати: 352 по македонски, 225 по албански и девет по турски јазик.
Вториот, изборен екстерен испит е закажан за четврток, 14 август. За него се пријавени 810 кандидати: 779 по англиски јазик, еден по француски, двајца по германски, 27 по математика и еден ученик по естетика.
Според податоците на Државниот испитен центар, најголем дел од пријавените се од средно стручно образование – 835 ученици, додека од гимназиско има 265, а од средно уметничко образование – 18 матуранти. Испитите се одржуваат во простории на факултетите.
Минатонеделните резултати од јуниската сесија покажаа подобар успех во однос на минатата година. Просечната оценка изнесува 3,69, што е повисоко од 3,26 лани. Најголем напредок е забележан кај мајчините јазици и особено по математика, каде просекот достигна 4,14.
Во јуни на матурата беа пријавени 15.004 ученици, но поради обиди за препишување, користење на електронски уреди и други неправилности, поништени беа тестовите на 172 кандидати, кои сега добиваат втора шанса во августовскиот рок.


