ПОЧИНА РОДОЉУБ АНАСТАСОВ – Доајен на македонското сликарство

Од робија на Голи Оток до професор на Факултетот за ликовни уметности и живот посветен на уметноста.

ПОЧИНА РОДОЉУБ АНАСТАСОВ – Доајен на македонското сликарство
Фото: Принтскрин

Родољуб Анастасов, еден од најистакнатите македонски сликари и професор од првата генерација на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје, почина вчера на 91 година, објави денеска Фондацијата посветена на неговото дело.

„Вчера почина големиот професор, сликар и бескраен трагач по одговорите за човекот, времето и просторот – Родољуб Анастасов“, стои во соопштението на Фондацијата.

Анастасов бил ученик на Лазар Личеноски, Димитар Пандилов и Васил Коџоман, а дипломирал на Уметничката академија во Белград во 1962 година. Во периодот од 1963 до 1965 година бил политички осуден на Голи Оток поради несогласување со ставовите за апстрактната уметност на Јосип Броз-Тито. По враќањето во Скопје, се посветил на нефигуративната уметност. Од 1980 до пензионирањето бил професор на ФЛУ, каде предавал цртање и сликање на додипломски и постдипломски студии.

Фондацијата „Анастасов“ секоја година организира поставки со дела од неговата колекција, кои тој често лично ги посетувал. Последната изложба на уметникот, со над 200 нови портрети насловена „Визии – Глава полна со луѓе“, се одржа во јули 2023 во Музејот на Град Скопје и ги обединува делата создадени во периодот 2016-2022.

Во февруари 2025, по повод неговиот 90. роденден, беше отворена изложбата „Сите деца на Родољуб Анастасов“, со дела на 42 негови студенти од ФЛУ (1980-2000), како признание за неговиот долгогодишен придонес кон воспитувањето нови генерации уметници.

„Анастасов, покрај тоа што подари на Македонија безмалку 500 дела од својот сликарски опус и што е голем израз на неговото родољубие и го сметаше својот најголем придонес кон општеството во воспитувањето на студентите. Со својот спокоен и ненаметлив сензибилитет, успеа да остави трајна трага во срцата на своите ученици“, истакнаа Јасминка Намичева и Екатерина Намичева-Тодоровска, авторки на изложбата.

CATEGORIES
Share This