ПОЧИНА ПРОФ. Д-Р ГЕОРГИ СТАЛЕВ ПОПОВСКИ- Истакнат македонски писател
Долгогодишен уредник на „Современост“, министер за култура, координатор на школски систем за македонските иселеници

Проф. д-р Георги Сталев Поповски почина на 30 декември 2025 година, во својата 95-та година од животот. Тој беше истакнат поет, прозаист, драмски писател, преведувач, книжевен критичар, научен работник и универзитетски професор, доктор по филолошки науки. Погребот се одржа на 3 јануари 2026 година, во кругот на семејството. За евентуална комеморативна седница, Деканатот на Филолошкиот факултет ќе извести дополнително.
Георги Сталев Поповски е роден во Витолиште во 1930 година. Се школувал во Белград, Прилеп и Скопје, а дипломирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, на Катедрата за историја на книжевностите на народите на поранешна ФНРЈ. Подоцна докторирал на истата катедра со труд од областа на версификацијата – „Македонскиот верс“ (1965), кој подоцна бил објавен во издаваштвото „Македонска книга“.
Својата литерарна активност ја започнува во 1947 година, а од 1953 година објавува книжевно-историска, теоретска и театарска критика во периодиката. Работниот век го поминал како универзитетски професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, предавајќи современи јужнословенски книжевности. Бил долгогодишен уредник на списанието „Современост“ и еден од првите членови на Македонскиот П.Е.Н. центар и на Друштвото на писателите на Македонија (од 1956 година).
Својата општествена и културна активност ја обележал и како министер за култура при Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија (1978–1982) и како координатор на школскиот систем за македонските иселеници во Сиднеј, Австралија (1983).
Поповски е добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои државните награди за животно дело, „11 Октомври“, „Климент Охридски“ и „13 Ноември“, наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеистика (двапати), „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот Мали и експериментални сцени/МЕС-Сараево (1972), медал од Фондот на Лермонтов во Москва, награда за препев „Григор Прличев“ и награда за книжевен превод „Кирил Пејчиновик“.
Како автор, тој објавил пет поетски книги, пет драмски текстови, два романа, една книга раскази, голем број препеви, преводи и критички есеи. Неговиот вроден усет за ритмика и метрика, како и солидните музички познавања, го насочиле кон пишување либрета за опери и компонирање музика за детски претстави.
Поповски припаѓал на првата повоена генерација македонски писатели и интелектуалци и, покрај широката наставно-научна дејност, се истакнал како еден од најзначајните македонски полиграфи и полиглоти. Со својот обемен научен, книжевен и преведувачки опус поставил високи стандарди во македонската книжевност и култура. Во таа насока, во 2011 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје бил организиран дводневен научен собир посветен на неговото творечко дело.
Сталев бил во два мандата претседател на Друштвото на македонските книжевни преведувачи. Значајно е дека има препеано седум-осум песни од Блаже Конески на руски јазик, кои биле емитувани преку Радио Скопје. Поголем дел од неговите преводи се од Пушкин, Лермонтов, Прешерн, Гундулиќ, а како животно дело ги смета „Божествената комедија“ од Данте Алигиери, комплетната поема „Странствувањата на Чајлд Харолд“ од Бајрон и антологијата на француската поезија до крајот на 19 век.
Како студент од трета година објавил прв и последен превод на прозен текст – „Спроти новите дни“ од Иван С. Тургењев, директно од рускиот оригинал. Непосредно пред дипломирањето, објавил препев на „Сердарот“ од Григор С. Прличев, кој и денес е лектира во средните училишта. Интересно е што бугарскиот и англискиот превод на „Сердарот“ се направени врз основа на македонскиот препев на Сталев.
Неговиот интерес за препевање поезија во врзан стих го водел кон теоретски истражувања во версификацијата, која стана и основа за неговата докторска дисертација.
Проф. д-р Георги Сталев Поповски остави неизбришлив белег во македонската литература, превод и култура, како автор, професор и визионер.


