ПОЧИНА ПАНЧО МИНОВ – Носител на независна листа за локалните избори 2025
Од Општинската изборна комисија Кавадарци за МИА потврдија дека утрово ја добиле информацијата за неговата смрт и дека за случајот ќе ја известат Државната изборна комисија

Поранешниот градоначалник на Кавадарци, Панчо Минов, кој денеска почина на 67-годишна возраст, бил носител на независна советничка листа за претстојните локални избори 2025 година.
Од Општинската изборна комисија Кавадарци за МИА потврдија дека утрово ја добиле информацијата за неговата смрт и дека за случајот ќе ја известат Државната изборна комисија (ДИК).
„Утрово добивме потврдена информација. Сега ќе ја известиме ДИК. Постојат законски пропишани процедури за вакви ситуации, особено кога станува збор за смрт на кандидат, односно носител на советничка листа. Колку што знам, гласачките ливчиња сè уште не се отпечатени, па ќе добиеме насоки како да постапиме понатаму. Ваков случај првпат имаме – изјави претседателката на ОИК, Емилија Петровска.
Панчо Минов е роден на 21 август 1958 година во Кавадарци.
Инаку, Панчо Минов е дипломиран правник и активен во политиката со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов беше и пратеник во Собранието на Република Македонија во повеќе состави. Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).


