ПО ВЧЕРАШНАТА АКЦИЈА ПРОТИВ КОРУПЦИЈА ВО ДАНОЧНИТЕ СЛУЖБИ – Судот одреди мерки

Пред суд беа спроведени 9 од 10 лица за кои обвинителството поднело предлог

ПО ВЧЕРАШНАТА АКЦИЈА ПРОТИВ КОРУПЦИЈА ВО ДАНОЧНИТЕ СЛУЖБИ – Судот одреди мерки
Фото: Принтскрин

Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и изрече мерки на претпазливост за вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) кои беа опфатени во вчерашната акција.

Иако обвинителството поднело предлог за 10 лица, пред судија на претходна постапка биле спроведени 9. По нивното сослушување, судијата го прифатил предлогот и им одредил пакет мерки за обезбедување присуство.

На осомничените не им е одреден притвор, туку поблаги мерки на претпазливост, согласно точките 2, 3, 6 и 7 од Законот, кои вклучуваат: одземање на патна исправа, со што се забранува напуштање на државата; обврска за повремено јавување во суд, забрана за комуникација со одредени лица, како што се сведоци или други инволвирани во предметот и забрана за извршување на одредени работни активности, односно суспензија од работното место во УЈП поврзано со кривичното дело.

Да потсетиме, во вчерашната полициска акција против даночни измами се приведени десетина лица. Неофицијално, според извори од истрагата меѓу нив се: Александар Шутов, Александар Марков, Елисавета Маркова, Адриано Дебников, Џелал Мустафа, Кадифе Исмаили, Раиф Елези и Марјан Марковиќ од Србија.

Лица кои се лишени од слобода, изнесени пред судија на претходна постапка и на кои им се изречени мерки на претпазливост се: Елена Тафчиевска, Кристијан Јовановски, Александар Пехчевски, Гоце Веселиноски, Кети Камилоски, Ваљбона Азири Исмаили, Зухрије Реџепи, Сања Гиевска и Тања Настеска вработени во Управата за јавни приходи.

„Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, истражители, со асистенција на полициски службеници од МВР, вршат претреси на повеќе локации во државата и обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери“, соопшти Јавното обвинителство, најавувајќи дополнителни информации.

CATEGORIES
TAGS
Share This