ПО УПАДОТ ВО РЕДАКЦИЈАТА НА ИНФОМАКС ССНМ повикува на ефикасна полициска и судска постапка

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро го осуди насилниот упад што синоќа се случи во редакцијата на „Инфомакс“, квалификувајќи го како директен напад врз слободата на информирање и безбедноста на медиумските работници. Од синдикатот предупредуваат дека секој обид за упад во редакција претставува сериозен удар врз демократските процеси и правото на јавноста да добива информации без притисоци и закани.
Инцидентот се случил додека во живо се емитувал поткастот „Тешки муабети“. Според пријавеното од медиумот, непознат напаѓач насилно влегол во дворот, ја скршил вратата со шифра, а потоа продрал и во просториите на студиото, при што упатувал закани и се обидел физички да се пресмета со присутните новинари.
Уредникот на „Инфомакс“, Александар Митовски, наведе дека веднаш била повикана полиција, а против напаѓачот ќе биде поднесена кривична пријава за напад врз службено лице.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека лицето е лишено од слобода и дека против него ќе следи пријава по брза постапка.
Правната рамка, според член 382 од Кривичниот законик, го третира нападот врз новинари и попречувањето на нивната работа како спречување службено лице во вршење службено дејствие, дело за кое се предвидени казни до три години затвор.
ССНМ укажува дека ваквите напади не се само закана за личната безбедност на медиумските работници, туку и чин што ја нарушува слободата на говор, слободата на информирање и јавниот интерес.
„Институциите мора да реагираат брзо и ефикасно. Неказнивоста на напади врз новинари создава опасна клима и охрабрува повторување на ваквите дела“, порачуваат од Синдикатот.


