ПО ТРАГЕДИЈАТА СО ТРАМВАЈОТ ВО САРАЕВО – Оставки, истрага и револт на улиците
Судот одби притвор за возачот, обвинителството тврди дека станува збор за „човечки фактор“

Во Сараево и понатаму не стивнуваат реакциите по трагичната трамвајска несреќа од 12 февруари, во која загина едно лице, а четворица беа повредени. Протестите се одржуваат четврти ден по ред, „врнат“ оставки од функционери, а истрагата е во почетна фаза.
Кантонален суд во Сараево на 15 февруари одби да му одреди едномесечен притвор на возачот на трамвајот, Аднан Касаповиќ, кој управувал со возилото во моментот на несреќата во која животот го загуби 23-годишниот Ердоан Моранкиќ. По одлуката, Касаповиќ беше ослободен и пред судот беше пречекан со аплауз од колеги, кои извикуваа „Не си сам, Аднан!“.
Во меѓувреме, оставки поднесоа премиерот на Сараевскиот кантон, Нихад Ук, со што падна целата кантонална влада, како и директорот на Градскиот сообраќај Сенад Мујагиќ. Граѓаните, сепак, порачаа дека овие две оставки се само почеток и дека бараат одговорност во целиот систем.
На денешниот протест пред Обвинителство на Сараевскиот кантон, присутните прочитаа четири барања до властите:
-Објавување целосни информации за истрагата, вклучително и податоци за трамвајскиот сообраќај и видео-снимката од трамвајот во моментот на несреќата;
-Повлекување на старите трамваи од сообраќај додека не бидат повторно сервисирани и јавно потврдени како исправни;
-Оставки од сите одговорни лица;
-Обезбедување безбеден јавен превоз и суспендирање на приватизацијата на градскиот сообраќај.
Од Кантоналното обвинителство информираа дека снимката од камерата во трамвајот, која се анализира по наредба на обвинителите, претставува доказен материјал и дека нејзиното објавување би можело да ѝ наштети на истрагата.
Според досегашните информации, трамвајот излетал од шините, при што загина студентот Ердоан Моранкиќ од Брчко, а четири лица беа повредени. Меѓу нив е и 17-годишната Ела Јовановиќ, ученичка во Сараево, на која ѝ беше ампутирана ногата и која сè уште се наоѓа во сериозна состојба. Таа денеска се разбудила од индуцирана кома, но и натаму се бори за живот.
Обвинителството претходно побара едномесечен притвор за возачот, наведувајќи дека прелиминарните резултати од вештачењето покажале дека трамвајот и електричната мрежа биле технички исправни, што упатува на можен „човечки фактор“. Одбраната, пак, тврди дека станува збор за техничка неисправност.
Граѓаните најавија нов протест утре во 12 часот, истакнувајќи дека нема да се откажат додека не се утврди целосната одговорност за трагедијата.


