ПО КАВГАТА СО СЛОТ Мохамед Салах повторно игра за Ливерпул
Напаѓачот ја доби довербата на Арне Слот пред саботниот натпревар со Брајтон

Мохамед Салах ќе биде дел од составот на Ливерпул за саботниот натпревар против Брајтон во Премиер лигата, објави „Sky Sports“. Одлуката следи по утринскиот состанок меѓу напаѓачот и главниот тренер Арне Слот, чија цел беше да се решат напнатите односи околу иднината на египетската ѕвезда.
Во последниот период, ситуацијата околу Салах беше драматична. Тој не стартуваше на ниту еден од последните четири натпревари, а врвот на тензиите беше минатиот викенд. По мечот со Лидс, Салах како неискористена замена изјави дека бил „фрлен под автобус“ од клубот и дека односот со Слот веќе не постои. Како последица, тој беше изоставен од составот за гостувањето кај Интер Милан во Лигата на шампионите, ден кога Салах објави фотографија од самостојно тренинг во теретаната.
Главниот тренер Арне Слот пред новинарите истакна дека одлуката за вклучување на Салах во составот е негова лична.
„Ќе разговарам со Мо утрово. Исходот од тој разговор ќе одреди како ќе изгледа ситуацијата утре“, рече Слот.
Иако појасни дека одлуката за исклучувањето на Салах од натпреварот во Милано била дел од клупската стратегија, холандскиот тренер потенцира:
„Кога станува збор за составот и стартниот тим, одлуката секогаш е моја“.
Најважната порака за фановите беше јасна:
„Немам никаква причина да не сакам да остане. Овој клуб освои многу натпревари со него“.
Саботниот натпревар против Брајтон ќе биде последната можност на Салах да настапи за Ливерпул годинава, пред да се приклучи на репрезентацијата на Египет за Африканскиот Куп на Нации.


