АЛИЈАНСА ИЗЛЕГУВА ОД ВЛАДАТА Кој ќе ги пополни испразнетите министерски места?
По официјалната објава на Арбен Таравари дека Алијанса за Албанците ја напушта Владата и преминува во опозиција, отворено останува прашањето – кој ќе ги замени нивните министри во извршната власт?

Според изјавите од коалицијата „Вреди“, засега нема активни преговори за распределба на министерските позиции. Еден од лидерите на коалицијата, Биљал Касами, вели дека за нови министри ќе биде потребен политички договор, што значи дека разрешницата може да потрае, особено во услови на изборна транзиција и формирање ново парламентарно мнозинство.
Алијанса за Албанците завчера едногласно донесе одлука да премине во опозиција. Според Таравари, причините за повлекувањето се поврзани со отстранувањето на Балансерот – административната алатка што обезбедува етничка застапеност во институциите – и со, како што вели, маргинализацијата на Албанците во државната администрација.
Во одговор на ова, првиот вицепремиер Артан Груби и министерот Меџити изјавија дека е во финална фаза новиот Закон за правична застапеност, кој треба да ја замени постојната регулатива. Според Меџити, на документот работат експерти ангажирани од Владата и партиите, и наскоро ќе биде финализиран.
До разрешување, министерските позиции што ги држеше Алијанса остануваат отворени, а идните чекори ќе зависат од формирањето новата влада и коалициските преговори по изборите.


