ПИКОТ НА ГРИПОТ ДОПРВА ДОАЃА – Нема промени во школскиот календар

ИЈЗ соопшти дека состојбата е очекувана за овој период, а препораки ќе има само доколку бројките продолжат да растат

ПИКОТ НА ГРИПОТ ДОПРВА ДОАЃА – Нема промени во школскиот календар
Фото: Принтскрин

Засега нема препораки за одложување на почетокот на второто полугодие, иако здравствените власти најавуваат дека токму во тој период се очекува пикот на сезонскиот грип.

Според последните податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во текот на првата недела од 2026 година се регистрирани 1.725 заболени од грип, што е 2,2 пати повеќе во однос на претходната недела, кога биле евидентирани 771 случај.

Во споредба со истата недела минатата година, бројот на заболени е зголемен за 5,5 пати, додека во однос на просекот за последните 15 години е забележано зголемување од 38 проценти.

Најголем дел од заболените се лица на возраст од 15 до 64 години – 749 случаи. Кај децата од 5 до 14 години се регистрирани 618 заболени, кај децата од 0 до 4 години – 229, додека кај лицата над 65 години – 129 случаи. Највисока инциденца е регистрирана кај децата од 5 до 14 години.

Најмногу случаи се евидентирани во Скопје – 716, потоа во Тетово – 339, Куманово – 150, Велес – 109, Штип – 60, Дебар – 50, како и во други градови низ државата.

Вкупниот број на заболени од почетокот на годината надминува 3.000, што е за 2,8 пати повеќе во однос на истиот период лани, кога биле регистрирани нешто повеќе од 1.000 случаи.

„Со оглед на периодот во кој се наоѓаме, празници и чести собирања, ваквата состојба е очекувана. Пикот го очекуваме во втората половина на јануари и првата половина на февруари. Со враќањето на децата во училиште, очекуваме дополнително зголемување на бројот на заболени од грип и грипозни заболувања – изјави д-р Марија Андоновска од Институтот за јавно здравје.

Од ИЈЗ повторно апелираат на почитување на општите мерки за заштита: избегнување престој во затворени и преполни простории, редовно миење на рацете со сапун и вода, избегнување контакт со лица кои кашлаат и киваат, како и правилна исхрана, доволна хидратација и внесување витамини и минерали.

Лицата со симптоми се повикуваат да останат дома и да не одат на работа, а децата да не се носат во училиште и градинка, не само за да се спречи ширењето на вирусот, туку и заради нивно побрзо закрепнување. Се препорачува редовно проветрување на просториите, а ризичните пациенти при појава на потешки симптоми задолжително да побараат лекарска помош.

Во однос на евентуално одложување на почетокот на второто полугодие, д-р Андоновска истакна дека моменталната активност на грипот е очекувана, но доколку дојде до дополнително зголемување, Институтот ќе излезе со соодветни препораки.

CATEGORIES
TAGS
Share This