ПЕНДАРОВСКИ СО КРИТИКА ДО МАКЕДОНСКИТЕ ВЛАСТИ – Погрешно го подржувате Трамп кој води аматерска војна во Иран
Според гледањето на Пендаровски, американската администрација ја откри слабоста на македонската надворешна политика.

Војната со Иран не само што е непотребна, туку претставува и најслабо подготвена американска интервенција во последните 100 години. Овој конфликт има и геополитички преседан и не поради игнорирањето на меѓународното право, што се случувало и порано, туку затоа што САД за првпат ги заобиколија НАТО-партнерите.
Ова е збирна анализа на поранешниот претседател Стево Пендаровски за најновата криза на Блискиот Исток. Во интервју за БИРН, тој зборува на повеќе теми од надворешната и домашната политика, како поранешен шеф на државата, но и во улога на универзитетски професор со фокус на глобалната политика и безбедноста.
Пендаровски целата политичка кариера ја посвети на евроатлантската интеграција. Денес, пак, тој за Трамповата Америка вели:
„Сега имаме најсилната држава на светот, чие однесување не може да се предвиди.“
Американско-израелскиот воен напад, според него, ја откри аматерската страна на македонската надворешна политика поради безрезервната поддршка на американската администрација.
„Тоа е поразителен факт“, вели експретседателот.
Во врска со надворешната политика, тој ја коментира и идејата што премиерот Христијан Мицкоски ја промовираше во јавноста и за наводна иницијатива во рамките на ЕУ што би овозможила брз влез во Унијата, првично без право на вето.
„Апсолутна небулоза. Таа идеја не доаѓа од Брисел“, истакнува Пендаровски, нагласувајќи дека, иако звучи добро за нас, големите членки на Унијата не ја прифаќаат.
Американско-израелскиот напад врз Иран ескалира кон посериозен судир, со ризик да ги вовлече и соседните заливски држави. Во Македонија, оддалечена 3.000 километри од Техеран, се анализираат и економските последици од конфликтот, како поскапување на нафтата и природниот гас, што веќе се чувствува на бензинските станици.
Иако два ирански проектили, еден што заврши во база на Кипар и друг што НАТО-системите го пресретнаа над Турција, ги исплашија македонските граѓани од можно директно нападување, Пендаровски смирува:
„Немаме иманентна опасност на наша територија.“
Според него, ракетите со кои располага Иран не можат да ја надминат далечината од 2.000 километри и дури ни тогаш не би биле прецизни.
„Максимум, зависно од која точка во Иран би биле лансирани, би можеле да стигнат во близина на Софија.“


