ПЕЧАЛБАРИТЕ ОД АВГАНИСТАН И ИРАК ПРОТЕСТИРААТ Не бегаме од даноци, но не може ретроактивно
Околу 3.000 до 4.000 лица од Куманово добиле даночни известувања за периодот од 2020 година наваму

Група граѓани од Куманово, кои со години работеа за американски компании во Ирак и Авганистан, денеска мирно протестираа на мал плоштад во градот. Тие побараа Управата за јавни приходи (УЈП) да ги ревидира известувањата за персонален данок на доход за периодот од 2020 година наваму. На почетокот од протестот, учесниците нагласија дека станува збор за исклучиво граѓанска иницијатива, без политички или партиски мотиви.
Печалбарите посочија дека УЈП им доставило известувања за период кога многумина од нив воопшто не биле во државата поради пандемијата, кога не постоеле авионски летови. Тие истакнаа дека не се против даноци, дека сите тековни даноци и давачки ги плаќале редовно, но дека ретроактивната наплата е нејасна и претставува двојно оданочување.
„Проблем е што сме биле во тие земји повеќе од 183 дена годишно. Побаравме од МВР потврда за тоа, но не ни ја даваат, иако имаме визи и печати. Не можеме да подготвиме сè за десет дена, особено за време на празници,“ изјавија Зоран Наковски и Жикица Миланов.
Тие истакнаа дека доколку знаеле за законот порано, ќе одвоеле средства за плаќање на данокот, а дека парите што ги заработиле ги вложиле во Куманово – во куќи, станови, бизниси и образование на децата.
Учесниците побараа од Министерството за финансии и од УЈП да ја стопираат акцијата, да им овозможат време за доставување на потврдите од компаниите и МВР.
„Не бараме амнестија, не бегаме од обврски, туку дијалог,“ истакнаа Кумановци, најавувајќи дека ќе ги користат сите правни механизми.
Според податоците, во базите во Авганистан и Ирак во изминативе 24 години работеа од 15 до 20.000 жители на Куманово, а вакви даночни известувања добиле околу 3.000-4.000 лица, со износи од 200 евра па нагоре, во зависност од позицијата.


