ПАЗАРИТЕ РЕАГИРААТ НА МОНЕТАРНИТЕ ОДЛУКИ Раст во Европа, пад кај технологијата

ПАЗАРИТЕ РЕАГИРААТ НА МОНЕТАРНИТЕ ОДЛУКИ Раст во Европа, пад кај технологијата

Европските берзи ја завршија вчерашната трговска сесија со раст, додека пазарите ги вградуваа најновите одлуки на централните банки од двете страни на Атлантикот. Фокусот на инвеститорите беше насочен кон намалувањето на каматните стапки од страна на американските Федерални резерви, како и кон одлуката на Швајцарската централна банка да ги задржи стапките на нулто ниво.

Паневропскиот индекс STOXX 600 забележа добивка од 0,5%, при што позитивно движење беше регистрирано кај повеќето сектори и водечки берзи во регионот. Германскиот DAX оствари раст од околу 0,7%, францускиот CAC 40 напредуваше за 0,8%, додека лондонскиот FTSE 100 порасна за 0,5%, покажуваат податоците објавени од CNBC.

Од Швајцарската централна банка соопштија дека каматните стапки ќе останат на сегашното ниво од 0%, образложувајќи ја одлуката со инфлација која е нешто пониска од претходните проекции.

На корпоративен план, акциите на германската одбранбена група Rheinmetall ослабеа за 0,5%, по информациите дека е поднесена нова понуда за преземање на холандскиот конкурент KNDS.

Технолошкиот сектор, пак, се најде под притисок. Слабите финансиски резултати на американската компанија Oracle негативно се одразија и врз европските технолошки акции. Германскиот софтверски гигант SAP забележа пад од 0,8%, додека акциите на холандската компанија ASMI, специјализирана за полупроводници, се намалија за околу 1%.

CATEGORIES
Share This