ПАЗАРЕН ПРЕСВРТ – Доларот доминира, златото ја губи битката
Златото загуби речиси 4% и се спушти на најниско ниво од февруари поради наглиот раст на американскиот долар.

Силното зајакнување на американскиот долар предизвика масовна распродажба на пазарот на скапоцени метали, при што златото претрпе остар пад од речиси 4% во текот на вчерашното тргување и се спушти на најниското ниво од февруари наваму. Со овој пресврт целосно беа избришани добивките остварени по нападите на САД и Израел врз Иран минатиот викенд, додека инвеститорите повторно ја проценуваа својата изложеност на ризик.
Клучен фактор за промената на расположението се зголемените инфлациски притисоци, поттикнати од растечките цени на нафтата, како и стравувањата дека Федералните резерви би можеле да го забават темпото на намалување на каматните стапки повеќе од очекуваното.
„Доколку притисокот за продажба продолжи, можно е златото да се повлече кон зоната на поддршка околу 5.000 долари“, предупреди Дејвид Морисон, виш пазарен аналитичар во Трејд Нејшн.
Според него, падот забележан во вторникот претставува најголем еднодневен пад од крајот на јануари и јасно ја покажува чувствителноста на златото на движењата на доларот.
Индексот на американскиот долар се искачи близу тримесечен максимум, што го направи златото поскапо за странските купувачи и дополнително го засили притисокот за продажба.
„Доларот расте речиси вертикално, а тоа може да има далекусежни последици“, оцени Робин Брукс од Институтот Брукингс.
Според него, силниот долар ги принудува странските инвеститори да продаваат американски обврзници со цел да ги стабилизираат сопствените валути, што води кон раст на приносите и дополнително го намалува интересот за златото како алтернатива.
Негативниот тренд не го заобиколи ниту остатокот од пазарот на скапоцени метали. Среброто забележа пад од 8%, платината загуби околу 10%, а паладиумот ослабе за 7%. Од JPMorgan предупредија дека таканаречената „премија за ризик“ на златото, поврзана со тензиите на Блискиот Исток, би можела да достигне и до 10%, но историјата покажува дека ваквите скокови ретко се одржливи, особено кога акциските пазари се под притисок.
Токму таква беше и вчерашната слика на глобалните берзи. Nasdaq Composite загуби околу 2%, додека S&P 500 и Dow Jones паднаа за повеќе од 1%. Во Европа, FTSE во Лондон забележа пад од 3%, а и азиските пазари беа во минус.
Сигналот од пазарите е јасен: во услови на глобална неизвесност и силен долар, дури и златото – традиционалното „безбедно прибежиште“ и не е заштитено од нагли и длабоки корекции.


