ПАНИКА НА ПИСТА – Авион во пламен, патници бегаа по лизгалки

Ова е трет инцидент во последниве месеци поврзан со летови од аеродромот во Денвер. Во март, мотор на авион на истата компанија се запали, а патниците се спасија преку крилото.

ПАНИКА НА ПИСТА – Авион во пламен, патници бегаа по лизгалки
Фото: Принтскрин

Повеќе од 150 патници беа итно евакуирани од авион на „Американ ерлајнс“ на меѓународниот аеродром во Денвер, откако при полетување се случи сериозен технички проблем што предизвика пожар. Едно лице е хоспитализирано со полесни повреди, додека неколку други се прегледани на лице место.

Според Федералната администрација за воздухопловство (FAA), станува збор за „можен инцидент со опремата за слетување“, кој довел до оштетување на тркалото и избувнување на пламен.

Инцидентот се случил во саботата околу 14:45 часот по локално време, кога Боинг 737 MAX 8, со 173 патници и шест члена на екипажот, требал да полета кон Мајами. Набргу по започнување на движењето по пистата, патниците слушнале силен тресок, а потоа забележале пламен, по што следела итна евакуација преку лизгалките за спасување.

Според соопштението од „Американ ерлајнс“ и аеродромот во Денвер, пожарот настанал како резултат на пукање на гума и ненадејно сопирање на авионот. Благодарение на брзата реакција на аеродромските противпожарни служби, огнот бил бргу локализиран.

„Сите патници и членови на екипажот се евакуирани безбедно. Авионот е повлечен од сообраќај за целосен технички преглед. Им благодариме на нашите вработени за професионализмот и им се извинуваме на патниците за стресната ситуација“, соопшти авиокомпанијата.

Ова е трет инцидент во последниве месеци поврзан со летови од аеродромот во Денвер. Во март, мотор на авион на истата компанија се запали, а патниците се спасија преку крилото. Во април, авион на „Јунајтед ерлајнс“ удри во животно при полетување, што исто така предизвика пожар.

Поради инцидентот, повеќе од 240 летови беа одложени во саботата навечер. Засегнатите патници беа пренасочени кон Мајами со резервен авион, додека FAA ја води истрагата за точните причини за дефектот.

CATEGORIES
TAGS
Share This