ПАНДЕЛЕСКИ ОСЛОБОДЕН ОД ОБВИНЕНИЕ ВО ИМПЕРИЈА – Нема докази за измама

Обвинителството утврди дека нема докази за перење пари и измама на 150 акционери на „Бетон Штип“.

ПАНДЕЛЕСКИ ОСЛОБОДЕН ОД ОБВИНЕНИЕ ВО ИМПЕРИЈА – Нема докази за измама
Фото: Принтскрин

Случајот „Империја“, еден од најкомплексните предмети на поранешното СЈО, е на пат целосно да се распадне. Во декември 2025 година, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го повлече обвинението против бизнисменот Цветан Панделески, објави „Призма“. Кривичниот суд во Скопје ја потврди оваа информација.

Обвинението беше повлечено од обвинителот Фатон Азизи, кој во текот на доказната постапка оценил дека нема докази дека Панделески ги перал парите и измамил 150 акционери на „Бетон Штип“.

Според обвинението, парите стекнати со измама биле префрлани преку заеми за да се прикрие нивното потекло. Еден од сведоците, сопственик и управител на фирмата што се офајдила, ги пренел средствата на три фирми и еден човек, а својот удел во фирмата го трансферирал на трите компании. На крајот, парите биле исплатени како дивиденда, а фирмата префрлена на офшор-компанија од Белизе, која подоцна била ликвидирана.

Случајот „Империја“ е еден од најголемите случаи на поранешното СЈО. Освен Панделески, обвиненија се воделе и против штипскиот бизнисмен Зоранчо Митровски и брокерот Јованче Тасковски.

Митровски призна вина и доби условна казна, а тој и фирмата вклучена во обвинението требаше да вратат 1,5 милиони евра во буџетот. Сепак, по измените на Кривичниот законик од 2023 година и одлуката на Апелацискиот суд во Скопје за укинување на првостепената пресуда, обвинителството го повлече обвинението и за Митровски, и делумно за Панделески.

Обвинителот Азизи, кој го презел предметот во текот на доказната постапка, утврдил дека не постојат докази за ниту едно од делата за Панделески.

За повлекувањето на обвинението било расправаано на колегиум на јавните обвинители на 10 декември, со согласност на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски. Два дена подоцна, на 12 декември, обвинението официјално било повлечено.

CATEGORIES
Share This