ПАДРИНО ЛОПЕЗ ПОТВРДИ – Мадуро и сопругата се заробени, многу војници и цивили од обезбедувањето убиени
Потпретседателката Делси Родригез прогласена за вршител на должноста претседател

Венецуелскиот министер за одбрана Владимир Падрино Лопез изјави дека американските сили убиле поголем дел од обезбедувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга за време на нивното заробување.
„Боливарските национални вооружени сили категорично го отфрлаат кукавичкото киднапирање на Николас Мадуро Морос, уставен претседател на Боливарска Република Венецуела, наш врховен командант, и на неговата сопруга, првата дама д-р Силија Флорес де Мадуро“, изјави Падрино Лопез за државната телевизија VTV.
Тој наведе дека настанот се случил во саботата, на 3 јануари, при што значаен дел од обезбедувањето – војници, но и цивили бил убиен. Министерот не соопшти точен број на жртви, но ја поддржа одлуката потпретседателката Делси Родригез да биде прогласена за вршител на должноста претседател.
Падрино Лопез додаде дека вооружените сили се активирани низ целата територија на земјата со цел да се гарантира суверенитетот и уставниот поредок, и побара итно ослободување на уапсениот претседател Мадуро и неговата сопруга.
Претходно, на 3 јануари, венецуелскиот министер за надворешни работи Иван Хил Пинто соопшти дека Соединетите Американски Држави нападнале цивилни и воени објекти во Каракас, оценувајќи ги дејствијата како воена агресија. Во земјата беше прогласена вонредна состојба.
Американскиот претседател Доналд Трамп го потврди нападот врз Венецуела. Според официјалните информации од Каракас, претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга биле заробени и пренесени во Соединетите Американски Држави.


