ПАД НА ЖИТЕЛИТЕ, ПАД НА СОВЕТНИЦИ – 14 општини со намален број членови во Советот

Владата останува на ставот дека се работи за усогласување со реалната демографија, а не за политичка одлука.

ПАД НА ЖИТЕЛИТЕ, ПАД НА СОВЕТНИЦИ – 14 општини со намален број членови во Советот
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата од граѓански иницијативи дека со измените на Изборниот законик, големите политички партии имаат за цел да ги маргинализираат независните кандидати на локалните избори. Според него, постои широк парламентарен консензус, не само кај големите, туку и кај помалите партии, за подигнување на прагот за собирање потписи за независни кандидати.

„Не станува збор за наметнување од страна на големите партии, туку за заеднички став. Тоа е вистината која јас ја кажувам“, изјави Мицкоски.

Според него, блокадата на Изборниот законик во Собранието е одговорност на законодавниот дом, кој сè уште не ги усвои измените поради недостиг на Бадентерово мнозинство и блокадата од страна на ДУИ.

Партијата ДУИ, пак, силно се противи и на предлог-измените во Законот за локална самоуправа, со кои се намалува бројот на советници во дел од општините. Владата ја брани оваа одлука како техничка и базирана на резултатите од последниот попис, кој покажал намалување на бројот на жители во 14 општини, што согласно член 34 од Законот, значи и намалување на бројот на членови на советите.

Од ДУИ сметаат дека ова е дискриминаторски потег, со сериозни политички последици.

„Ако Владата не ја повлече оваа неправедна одлука, ние ќе ги искористиме сите правни и институционални средства за нејзино поништување и за заштита на легитимните права на граѓаните“, изјави Адеми.

Според податоците од пописот, во 17 општини ќе има промени – во три ќе се зголеми, а во 14 ќе се намали бројот на советници. Намалување на бројот на советници ќе има во Гостивар од 31 на 23 (најголемо намалување, поради пад на жителите под 40.000), Кичево: од 23 на 19, Струга: од 27 на 23, Кратово: од 15 на 11, Крива Паланка: од 19 на 15, Куманово: од 33 на 31, Пехчево: од 11 на 9. Три општини ќе добијат повеќе советници.

Владата останува на ставот дека се работи за усогласување со реалната демографија, а не за политичка одлука.

CATEGORIES
TAGS
Share This