ПАД НА ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА – Речиси сите „за“, ДУИ бара консултации со ЕУ и САД
Мицкоски предложи ако нема согласност, техничката влада нека важи уште само за следните избори

Сите партиски лидери на денешната средба се изјаснија за укинување на техничката влада, со исклучок на ДУИ чии лидер Али Ахмети побара консултации со ЕУ и САД како коавтори на моделот. Средбата во Клубот на пратеници беше оценета како конструктивна, а разговорите ќе продолжат на ниво на координатори на пратенички групи.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се постигнал компромис за Законот за прекршоци, но дека за укинувањето на техничката влада треба поширок консензус. Тој предложи решение според кое, доколку нема согласност, техничка влада да важи уште само на следните избори и потоа да се укине.
Ахмети потврди дека ДУИ поддржува една изборна единица, но со изборен праг од 5 отсто и отворени листи. „Вреди“ инсистира на отворени листи, а бара и поголемо вклучување на дијаспората. За ова прашање Мицкоски нагласи дека треба да се земат предвид законските ограничувања во другите држави.
ДУИ бара дополнителни консултации и за изборот на Народен правобранител.
Законот за „Безбеден град“ останува отворено прашање. ДУИ најави дека ќе продолжат разговорите меѓу координаторите, додека Мицкоски порача дека сите закони со позитивно мислење од ЕУ или Венецијанската комисија треба да добијат поддршка.
На средбата не присуствуваше претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој ја одби поканата.


