ПАД НА РЕЖИМИ – Филипче со порака по поразот на Орбан

Филипче ја поздрави победата на унгарската опозиција и најави крај на „автократските режими“ во Европа

ПАД НА РЕЖИМИ – Филипче со порака по поразот на Орбан
Фото: СДСМ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче ја поздрави победата на опозицијата на изборите во Унгарија, оценувајќи дека станува збор за почеток на падот на автократските режими во Европа и враќање на демократските вредности.

Во објава на социјалната мрежа Икс, Филипче истакна дека унгарските граѓани испратиле јасна порака против, како што наведе, недемократското владеење на Виктор Орбан.

„Унгарија вечерва рече ‘доста е’. Режимот на Орбан падна – токму како што најавувавме изминативе месеци“, напиша тој.

Филипче додаде дека со ваквиот исход, ВМРО-ДПМНЕ останува без својот, како што тврди, единствен сојузник во Европската унија, посочувајќи дека повеќе нема да има простор за политичка заштита и задкулисни договори.

Тој се осврна и на најавите на новиот унгарски премиер, Петер Маѓар, за реформи во медиумскиот сектор, со цел намалување на политичкото влијание.

Во пораката, Филипче изрази уверување дека политичките промени ќе продолжат и во регионот, нагласувајќи дека „времето на автократиите завршува“, а дека иднината ѝ припаѓа на демократијата и европските интеграции.

„Демократијата и Европа победуваат. Време е Македонија да се врати на вистинскиот пат“, порача Филипче.

CATEGORIES
Share This