ПАД НА ИМПЕРИЈА ИЛИ НОВ ПОЧЕТОК – Голема промена во „Долче и Габана“

Габана се повлекува од претседателската функција, но останува во креативниот дел на брендот

ПАД НА ИМПЕРИЈА ИЛИ НОВ ПОЧЕТОК – Голема промена во „Долче и Габана“
Фото: Принтскрин

Стефано Габана се повлече од функцијата претседател на модната куќа „Долче и Габана“, која ја основаше заедно со Доменико Долче. Неговата оставка од надзорните функции стапи на сила на 1 јануари, соопшти компанијата, пренесуваат странските медиуми.

И покрај повлекувањето од раководната позиција, Габана останува активен во креативниот дел на брендот. Од компанијата наведуваат дека станува збор за „природна еволуција на организациската структура и менаџментот“.

Тој беше присутен и на последната модна ревија во февруари, каде што меѓу гостите беше и Мадона. По настанот, Долче и Габана лично ја пречекаа и ја придружија пејачката зад сцената.

Според „Бизнис Фешн“, Габана размислува што да прави со својот 40-процентен удел во компанијата. На функцијата претседател е назначен Алфонсо Долче, додека поранешниот извршен директор на „Гучи“, Стефано Кантино, се споменува како можен висок менаџер. Компанијата наводно се подготвува и за нови преговори со кредиторите.

Иако повлекувањето не е поврзано со скандал, брендот со години се соочува со критики за контроверзни изјави и кампањи, вклучително и инцидентот во Кина во 2018 година и обвинувања за недоволна разновидност на модните ревии.

Стефано Габана, роден во Милано во 1962 година, заедно со Доменико Долче во 1985 година го основаше брендот кој стана еден од најпрепознатливите во светот на луксузната мода, познат по силната естетика, сицилијанските мотиви и драматичниот визуелен стил.

CATEGORIES
Share This