ПАД НА ЦЕНИТЕ ВО ЈАНУАРИ – Раст на годишно ниво

Раст на трошоците кај домувањето, рестораните и образованието

ПАД НА ЦЕНИТЕ ВО ЈАНУАРИ – Раст на годишно ниво
Фото: Принтскрин

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на живот во јануари 2026 година, според податоците на Државниот завод за статистика, бележи месечно намалување од 0,7 проценти во однос на декември 2025 година.

На годишно ниво, односно во споредба со јануари 2025 година, индексот на трошоците на живот е зголемен за 3,2 проценти.

Цените на мало во јануари годинава се намалени за 2,7 проценти во однос на претходниот месец, додека на годишна основа бележат раст од 1,2 проценти.

Месечното намалување на инфлацијата во најголем дел произлегува од пониските трошоци во секторите: Транспорт (-9,3%), Информации и комуникации (-1,6%), Рекреација, спорт и култура (-1,5%), Облека и обувки (-1,2%), како и Лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги (-0,5%).

Од друга страна, зголемување на трошоците е регистрирано кај: Покуќнина и одржување на домаќинствата, како и Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива (по 1%), Ресторани и услуги за сместување (0,7%), како и кај Услуги за образование и Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици (0,1%).

Трошоците во групите Осигурување и финансиски услуги, Здравствена заштита и Храна и безалкохолни пијалаци останале непроменети во однос на декември.

Од ДЗС појаснуваат дека од јануари 2026 година индексите се структурирани според новата европска класификација на личната потрошувачка ECOICOP-верзија 2, усогласена со класификацијата на Обединетите нации UN COICOP 2018, во согласност со директно применливите регулативи на ЕУ и препораките на Евростат, без промена на методологијата за пресметка на индексите.

CATEGORIES
Share This