ЈОВАН ФИЛИПОВСКИ И ЛИЛЈАНА МИХАЈЛОСКА Зет и невеста за Галичката свадба 2025
Да се ќердосает - од небо да им врне, од земја да им никне!

Месната заедница Галичник официјално го објави изборот на овогодинешните зет и невеста кои ќе бидат во центарот на традиционалната Галичка свадба што ќе се одржи ова лето. Престижната улога годинава ќе ја имаат Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска.
Јован е потомок на познатото галичко семејство Филипоски. Љубовта кон традицијата и обичаите ја носи уште од детските денови, кога облечен во народна носија ги чекорел калдрмисаните улички на родниот Галичник, сонувајќи еден ден и самиот да ја предводи свадбата. Активен учесник е во сите галички обичаи, а годинава со гордост ќе ја има честа да биде зетот на Галичката свадба.
Неговата избраничка, Лилјана Михајлоска, веќе има почувствувано дел од магијата на оваа уникатна манифестација. Во 2022 година учествуваше во свадбата, а годинава ќе ја понесе улогата на невестата – со срце исполнето со љубов и искрена посветеност кон традицијата.
Галичката свадба не е само културен настан – таа е жив сведок на минатото, на сплотеноста, гордоста и идентитетот. Зетот и невестата не се обичен млад пар. Тие се симбол на вековната традиција и на пренесеното предание, длабоко вкоренето во срцето на Бистра.
Секоја нивна постапка – од танцот до погледот – прераснува во жив израз на културното богатство што се чува со децении. Јован и Лилјана ќе чекорат низ Галичник не само како вљубени, туку како вистински амбасадори на македонското културно наследство.
Манукот го носи гласот на своите предци, а мануката – со раскошната носија и достоинствен став – ја раскажува приказната за гордите галички девојки. Заедно, тие се олицетворение на љубовта, традицијата и сплотеноста.
Во нивните погледи се чита ветувањето дека обичајот ќе продолжи да живее. И токму затоа, оние што ќе ја следат свадбата ова лето, нема да бидат сведоци само на венчавка – туку на историја што продолжува да се пишува. Да се ќердосает – од небо да им врне, од земја да им никне! – соопштија организаторите на Галичка Свадба 2025.


